Gözde Bayar
16 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
АНКАРА (АА) - Чешкиот, полскиот и словенечкиот премиер вчера го посетија главниот град на Украина, Киев, во знак на поддршка поради руските воени дејствија во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Петр Фиала од Чешка, Матеуш Моравјецки од Полска и Јанез Јанша од Словенија дојдоа во Киев во име на Советот на ЕУ“, објави на Твитер украинскиот премиер Денис Шмихал во услови на континуираното руско бомбардирање на главниот град.
Заблагодарувајќи им на трите земји за вистинското пријателство кон Украина и за храброста, Шмихал соопшти дека тие разговарале за поддршката на Украина и за „зајакнување на санкциите против руската агресија“.

Претходно, литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, го посети Киев на средба со неговиот украински колега Дмитро Кулеба, што претставува првпат шеф на дипломатијата на друга држава да дојде во земјата од избувнувањето на војната.
„Поддршката на Литванија е цврста, билатерално и во рамките на ЕУ и НАТО. Работиме на забрзување на пристапот на Украина во ЕУ. Русија за своите злосторства мора да биде изведена пред лицето на правдата“, напиша Кулеба на Твитер.
Ландсбергис рече дека размениле мислења за „тековната депутинизација“.
„Треба да се направи повеќе. Украинското барање за пристапување кон ЕУ треба да се сфати сериозно, како и помошта за Украина. Украина се бори сеопфатно, нашата помош мора да биде сеопфатна“, напиша Ландсбергис на Твитер.
Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна заминување на светските компании од Русија.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), откако на 24 февруари Русија започна воени дејствија во Украина, досега животот го изгубиле најмалку 691 цивил, додека 1.143 се повредени.
„Над 3 милиони бегалци пребегаа од земјата, додека околу 6,7 милиони луѓе се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.