Stipe Mayiç
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, на конференцијата на Владата и на Хрватската народна банка (HNB) говореше за стратешките насоки, бенефит и трошоци со воведувањето на еврото, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на денешната конференција е започнување на една долгорочна информативна кампања со цел да се отфрлат заблудите за штетните ефекти од воведувањето на еврото, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Во своето излагање, хрватскиот премиер порача дека неговата Влада е ориентирана проевропски, и оти тоа го смета синоним за прохрватски.
Тој истакна дека на Хрватска, како најнова членка на Европската Унија (ЕУ), ѝ претстојат два клучни чекора: да стане дел од Шенген зоната во текот на 2019 и дел од еврозоната.
„Мислам дека е реално 2020 година, годината на претседавањето на Хрватска со ЕУ, да биде година во која Хрватска, според нашите планови и намери, ќе биде дел од она што се нарекува ЕРМ II", рече Пленковиќ.
Договорот за пристапување во ЕУ во јануари 2012 година, потврден на референдум, подразбира и хрватско членство во еврозоната, рече Пленковиќ и додаде дека тоа претставува остварување на критериумите, а не прашање на политичка одлука.
Премиерот Пленковиќ нагласи дека со воведувањето на еврото Хрватска ќе стане членка на најтесниот и најнапредниот дел на Унијата.
„Еврото на Хрватска ѝ носи глобален политички и економски кредибилитет“, рече тој. Порача дека заедничката валута ќе овозможи полесна економска размена со 19 земји-членки и со 340 милиони Европјани кои го користат еврото.
Тој нагласи дека граѓаните воведувањето на еврото ќе го почувствуваат на конкретен и опиплив начин, бидејќи нема да стравуваат од осцилациите на куната во однос на еврото, би се намалила премијата за ризик и каматните стапки на кредитите со што ќе се создадат подобри услови за финансирање на граѓаните, државата и работодавачите, како и пониски трансакциски трошоци.
Оценува дека Хрватска со еврото ќе стане попривлечна за туристите и инвеститорите од еврозоната, а инвеститорите нема да бидат изложени на валутниот ризик.
Меѓу другото, Пленковиќ истакна дека цените во еврозоната во последните 12 години се зголемени за 23 отсто, а во Хрватска за 31 отсто, додека во тие земји просечните бруто плати растеа побрзо отколку во Хрватска.
„Не важат слоганите кои кажуваат дека ќе добиеме европски цени, а ќе ги зачуваме хрватските плати, тој мит треба да се отстрани“, нагласи хрватскиот премиер.
Тој додаде дека ќе се внимава на заштитата на потрошувачите и ќе се спречи злоупотребата кај заокружувањето на цените преку задолжително двојно предочување на цените во куни и во евра.
Хрватска создаде подобри економски предуслови за прием во еврозоната во споредба со состојбата пред неколку години, смета хрватскиот премиер, кој го истакна подобриот кредитен рејтинг на земјата и намалувањето на јавниот долг.