Betül Yürük
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
ЊУЈОРК
Шест земји, меѓу кои и Соединетите Американски Држави (САД), ја повикаа Северна Кореја да ја прекине нуклеарната програма и тестирања на балистичките проектили, јавува Агенција Анадолија (АА).
САД, Велика Британија, Франција, Ирска, Албанија и Јапонија издадоа соопштение пред седницата на Советот за безбедност на ОН на која ќе се разговара за најновите тестирања на проектили спроведени од Северна Кореја.
Постојаната претставничка на САД во ОН, Линда Томас Гринфилд, рече дека во изјавата во име на шесте земји е упатено осудување на тестирањата на проектилите кои Северна Кореја ги спроведе 5 јануари.
Гринфилд рече дека прибегнувањето кон програми за балистички проектили и оружје за масовно уништување го загрозува меѓународниот мир и стабилност. Таа го повика Пјонгјанг да стави крај на својата нуклеарна програма и тестирање на балистички проектили.
Таа додаде дека Северна Кореја продолжува да прави воени инвестиции по цена на благосостојбата на народот и дека луѓето во земјата под строг режим се соочуваат со се потешка хуманитарна криза.
Линда Томас Гринфилд ја повика Северна Кореја да избегнува потези кои и штетат на стабилноста, но и на дијалог за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.