Beyza Binnur Dönmez
20 Јануари 2026•Ажурирај: 20 Јануари 2026
ЖЕНЕВА (AA) – Шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) денес изјави дека израелските сили упаднале во седиштето на агенцијата во Источен Ерусалим, по што булдожери започнале со уривање на објектите, оценувајќи го потегот како „свесно и намерно кршење на меѓународното право“, пренесува Анадолу.
„Ова претставува ново ниво на отворено и намерно непочитување на меѓународното право, вклучително и на привилегиите и имунитетот на Обединетите нации, од страна на Државата Израел“, напиша генералниот комесар на УНРВА, Филипе Лазарини, во објавата на американската платформа за социјални медиуми Х.
„Рано утринава израелските сили упаднаа во седиштето на УНРВА, локација на Обединетите нации, во Источен Ерусалим. Булдожерите влегоа во комплексот и почнаа да ги уриваат зградите во него под надзор на пратеници и член на Владата.“
Опишувајќи го упадот како „невиден напад“ врз агенцијата на ОН и нејзините простории, тој рече дека, како и сите членки на ОН и земјите посветени на меѓународниот поредок заснован врз правила, Израел е должен да ја заштити и почитува неповредливоста на просториите на ОН“.
Според него, овој потег е дел од низа мерки преземени од израелските власти со цел бришење на идентитетот на палестинските бегалци. Тој потсети дека на 12 јануари израелските сили упаднале и во здравствен центар на УНРВА во Источен Ерусалим и наредиле негово затворање. Дополнително, израелските власти најавиле и планови за прекин на водоснабдувањето и електричната енергија за објектите на УНРВА, вклучително училишта и здравствени центри, во наредните недели.
Според Лазарини, ова е „директен резултат на законодавството усвоено од израелскиот Парламент во декември, со кое се зајакнаа постојните закони против УНРВА усвоени во 2024 година“.
„Овие дејства, заедно со претходните подметнувања пожари и големата кампања за дезинформација, се спротивно на пресудата од октомври на Меѓународниот суд на правдата, во која се повторува дека Израел е должен, според меѓународното право, да ги олеснува операциите на УНРВА, а не да ги попречува или спречува“, рече тој, потсетувајќи го Израел дека „нема надлежност над Источен Ерусалим“.
„Не може да има исклучоци. Ова мора да биде аларм“, предупреди Лазарини. „Она што денес ѝ се случува на УНРВА, утре ќе ѝ се случи на која било друга меѓународна организација или дипломатска мисија, без оглед дали на окупираната палестинска територија или каде било во светот.“
Тој додаде дека „меѓународното право предолго време е под сè поголем напад и ризикува да стане ирелевантно доколку земјите членки не реагираат“.