Ayhan Şimşek
20 Октомври 2022•Ажурирај: 22 Октомври 2022
БЕРЛИН (АА) – Европската Унија (ЕУ) и Германија ќе обучат до 5.000 украински војници до пролет, соопшти денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето пред законодавците пред денешниот Самит на лидерите на ЕУ, Шолц рече дека европските земји ќе ја зајакнат нивната воена поддршка за Украина по последните руски напади.
„Министрите за надворешни работи на Европската Унија се договорија за нова мисија за обука на околу 15.000 украински војници во ЕУ. Еден од двата штаба ќе биде во Германија“, рече Шолц.
„И до пролет, ќе истренираме [обучиме] цела бригада до 5.000 војници. Со ова ја потенцираме нашата подготвеност да обезбедиме долгорочна поддршка за зајакнување на Украинските вооружени сили“, додаде германскиот канцелар.
Тој ги осуди неодамнешните воени напади на Русија и рече дека „намерните напади врз цивилното население се воено злосторство“.
Тој, исто така, истакна дека Германија ќе продолжи да испраќа оружје во Украина за да ѝ помогне на земјата да ја зајакне својата одбрана од нови напади.
„Во јуни ветивме дека ќе испратиме модерни системи за противвоздушна одбрана во Украина“, рече Шолц за батериите за воздушна одбрана ИРИС-Т.
„Првата им ја доставивме на нашите украински пријатели минатата недела, порано од првично планираното. Наскоро ќе следуваат уште три“, рече Шолц.