Nuran Erkul Kaya
20 Октомври 2022•Ажурирај: 24 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Според извештајот на финансиската тинк-тенк организација „Карбон тракер“ со седиште во Лондон, насловен „Улогата на чистиот водород во енергетската транзиција“, зголемените цени на природниот гас предизвикаа скок на енергетскиот трошок за производство на водород од фосилни извори, што предизвика забрзување на плановите за инвестирање во зелен водород, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од почетокот на војната, цените на природниот гас се зголемија за 70 отсто на меѓународните пазари. Ова зголемување предизвика и зголемување на трошоците за производство на водород од фосилни горива, што ги натера инвеститорите да се насочат кон поевтини и почисти извори.
Се предвидува дека поради зголемените цени на природниот гас и ограничувањата во снабдувањето, до 2030 година неискористен може да остане водородот произведен од гас во вредност од 100 милијарди долари. Се очекува ваквата ситуација најмногу да влијае на произведениот водород во Европа и Азија.
- Трошоците за производство на килограм зелен водород ќе паднат под 2 долари -
Се предвидува дека трошоците за производство на водород од фосилни горива во Европа на краток рок можат да се зголемат за 50 отсто и да достигнат вредност од 7,6 долари за килограм, а во Азија цената на вака произведениот водород би изнесувала 6,4 долари.
Трошоците за производство на зелениот водород варираат од 3,8 до 5,8 долари за килограм, во зависност од регионот.
Се очекува трошоците за производство на зелен водород да паднат под 2 долари за килограм.
Ваквата ситуација и потрагата на инвеститорите по алтернативни извори на енергија по започнувањето на Руско-украинската војна доведоа до одлука да се инвестираат 73 милијарди долари во зелениот водород.
Германија, Мароко и САД се меѓу 25-те земји кои донесоа нови инвестициски одлуки за изнаоѓање алтернативни извори на енергија. Од друга страна, се очекува Јужна Африка, Мароко и Чиле да се истакнат како доминантни пазари за производство на зелен водород до 2050 година.
- Зелениот водород не е 100 % еколошки -
Во извештајот се истакнува дека производството на зелен водород не е 100 отсто еколошки, бидејќи во производството се користи прекумерно количество чиста вода.
Кофи Мбук, виш аналитичар за чиста технологија во тинк-тенк организацијата „Карбон тракер“ и главен автор на извештајот, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека зелениот водород нуди очигледни придобивки за постигнување на целите за нулта емисија во справувањето со климатските промени и додаде: „Но и покрај тоа, прекумерната потрошувачка на чиста вода и загубата на енергија во процесот на производство на зелен водород се критични прашања што треба да се решат. Без да се решат овие прашања, зелениот водород веројатно нема да биде одржлив бидејќи пристапот до чиста вода е веќе тежок во многу делови од светот. Зелениот водород би можел да се користи само во некои сектори кои немаат план Б за декарбонизација.“
Мбук рече дека инвеститорите моментално брзаат кон зелен водород поради „недостиг на знаење“ и дека зелениот водород може да се користи како преодна технологија додека трошоците за батериите не станат економични.