Cüneyt Karadağ
09 Август 2016•Ажурирај: 10 Август 2016
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека Турција е многу важен партнер на НАТО и дека така треба да остане, пренесува Anadolu Agency (AA).
Штајнмаер во интервјуто за германскиот весник „Билд” зборува за односите меѓу Турција и Русија, како и за состојбата во Сирија.
Говорејќи за односите меѓу Турција и Русија, Штајнмаер истакна дека обновувањето на односите меѓу двете земји е позитивна работа, и додаде:
„Сепак, не верувам дека овој однос ќе биде цврст до тој степен што Русија ќе ѝ понуди на Турција алтернативно безбедносно партнерство. Турција е важен партнер на НАТО и така треба да остане“.
На прашањето дали Европската Унија (ЕУ), ќе го одобри безвизниот режим за Турција, Штајнмаер изјави дека безвизниот режим е можен, доколку се исполнат условите, но дека во овој случај тоа го нема.
Шефот на германската дипломатија настаните во Сирија ги нарече трагедија и рече дека фотографиите од Алепо јасно покажуваат до кој степен насилството било присутно. Штајнмаер, исто така порача дека некои актери не се занимаваат со прекин на конфликтот.
На новинарското прашање дали Башар ал-Асад од сето ова ќе излезе како победник, Штајнмаер рече:
„Мислам дека тоа е невозможно. Партијата на Асад ќе има улога во процесот на транзиција. Политичката иднина на Сирија мора да биде без Асад, и така ќе биде. Решението за војната во Сирија е невозможно без Москва, исто така и без Турција, Иран и Саудиска Арабија“, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во интервју за „Билд“.