Ahmet Furkan Mercan
02 Февруари 2021•Ажурирај: 03 Февруари 2021
ТОКИО (АА) - Вонредната состојба поради новиот вид коронавирус (Ковид-19), што е на сила во 11 јапонски префектури, ќе биде продолжена до 7 март, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Суга Јошихиде се состана со министерот за здравство, Тамура Норихиса, и со Нишимура Јасутоши, член на Кабинетот одговорен за мерките против Ковид-19, со кои разговараше за најновата состојба на епидемијата на Ковид-19.
На прес-конференцијата по состанокот, премиерот Суга изјави: „Трендот на новозаразени е намален, но мораме уште извесен период да бидеме во состојба на готовност во борбата со пандемијата.“
Оми Шигеру, шеф на Советодавната делегација за Ковид-19, посочувајќи на зголемениот број новозаразени на регионално ниво, изјави дека капацитетите на болничките кревети се намалени и дека здравствената инфраструктура се соочува со потешкотии.
Нишимура, говорејќи во Претставничкиот дом, рече дека во префектурите во кои на сила е вонредната состојба, можно е да дојде до укинување на таквата состојба доколку пред почетокот на март се регистрира тренд за намалување на бројката на новозаразени.
Тој во однос на влијанието на вонредната состојба врз економијата и деловниот свет, истакна: „Целиме да ги одржиме мерките на минимално ниво.“
Според веста што ја објави агенцијата „Кјодо“, заснована врз владини извори, вонредната состојба ќе биде продолжена до 7 март во Токио и неговата околина, во префектурите Канагава, Чиба и Саитама и Аичи, Гифу, Осака, Кјото, Хјого и Фукуока.
Вонредната состојба во префектурата Точиги, сместена северно од Токио, ќе биде укината поради големото намалување на интензитетот на новозаразени.
Се очекува премиерот Суга Јошихиде да ја соопшти својата одлука по средбата со Советодавната делегација за Ковид-19 и по известувањето на Парламентот за неопходноста од продолжување на вонредната состојба, што завршува на 7 февруари.
Вкупниот број на новозаразени со Ковид-19 во Јапонија се искачи на 392.475, а бројот на починати изнесува 5.846. Во главниот град Токио, бројот на заразени изнесува 100.234.
Соодветно на тоа, бројката на лица позитивни на коронавирусот во Јапонија е следна: 43.900 во Осака, 40.982 во Канагава, 25.345 во Саитама, 24.127 во Аичи, 22.493 во Чиба, 17.521 во Хокаидо, 16.528 во Хјого, 16.239 во Фукуока и 8.510 во Кјото.