Ahmet Furkan Mercan
18 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
ТОКИО
Јапонскиот премиер Фумио Кишида го повика рускиот претседател Владимир Путин преку дипломатски преговори да најде „прифатливо“ решение за тензиите меѓу Русија и Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во 25-минутниот разговор со Путин преку видеоконференциска врска, Кишида го пренесе пристапот на неговата земја кон руско-украинската криза.
На прес-конференцијата одржана по средбата, Кишида истакна дека неговата земја е против насилно менување на статус кво состојбата во руско-украинската криза.
„Го информирав претседателот Путин дека со длабока загриженост внимателно ги следиме настаните во Украина. Го повикав да се стреми кон решение прифатливо за двете земји преку дипломатски преговори“, рече Кишида.
Министерството за надворешни работи на Јапонија соопшти дека лидерите потврдиле дека го делат истиот став за одржување на дијалогот во односите Јапонија‒Русија, вклучително и билатерален мировен договор.
Според веста на агенцијата „Кјодо“, која се базира на владин претставник, Путин на јапонскиот премиер му пренел дека Русија нема намера да ја нападне Украина.
‒ Порака до Зеленски за територијалниот интегритет
Кишида претходно, во однос на руско-украинската криза рече: „Ако дозволиме статус квото да се смени преку воена сила, тоа ќе испрати лажна порака, не само до Европа, туку и до Азија.“
Кишида, кој разговараше со украинскиот претседател Владимир Зеленски во текот на неделата, нагласи дека го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и повика на дипломатско решение.