Erbil Başay
18 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
БЕРЛИН
Најмалку три лица загинаа, а илјадници домови останаа без струја кога силно невреме вчера ги погоди северните и источните делови на Германија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Германската национална метеоролошка служба „Дојчер ветерденст“ (DWD), соопшти дека бурата наречена Иленија достигнала брзина на ветрот од над 150 километри на час (93 милји на час) на планините Харц во северната покраина Саксонија-Анхалт.
„Триесет и седумгодишен маж загина кога во неговиот автомобил удрило дрво кое паднало во градот Уелцен на североистокот на земјата“, јави државната телевизија АРД.
Во сообраќајна несреќа поради паднато дрво во Саксонија-Анхалт загина 55-годишен возач.
Исто така, во градот Оснабрик, возач на возило го загуби животот откако се судри со камион.
Германскиот национален железнички оператор „Дојче бан“ ги откажа возовите на долги релации до и од северните држави, вклучувајќи ги Хамбург, Бремен и Шлезвиг-Холштајн.
„До 19 февруари ќе има прекини во железничките услуги низ земјава поради штетите предизвикани од невремето“, соопшти операторот.
Невремето предизвика и прекин на електричната енергија во локалните области во покраините Северна Рајна-Вестфалија, Саксонија-Анхалт, Бранденбург и Баварија, оставајќи без струја повеќе од 80.000 луѓе.