Esra Tekin
05 Април 2025•Ажурирај: 09 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Јеменските Хуси, поддржанаи од Иран, денес соопштија дека со беспилотно летало нападнале израелска воена локација во Тел Авив, пренесува Анадолу.
Се наведува дека операцијата била спроведена за поддршка на палестинскиот народ.
Воениот портпарол на Хусите, Јахја Сари, говорејќи на телевизијата Ал Масира, контролирана од Хусите, истакна дека јеменските сили со дрон од типот „Јафа“ извршиле напад на израелска воена локација во окупираната област Јафа (Тел Авив).
Тој нагласи дека операцијата има за цел да го поддржи палестинскиот народ и милитантите за кои рече дека се соочуваат со геноцид во Појасот Газа со американска поддршка.
Израел претходно објави дека пресретнал дрон „од исток“ над регионот Арава на југ.
Сари рече дека американскиот дрон „Giant Shark F360“ кој собирал разузнавачки податоци за САД и Израел, бил соборен од системите за противвоздушна одбрана на Хусите во Саада, Јемен, во друг напад.
„Нашите сили ќе продолжат да ги извршуваат своите должности за поддршка на угнетениот палестински народ додека не престанат нападите и не се укине блокадата врз Појасот Газа“, додаде тој.
Откако првично ги прекинаа ракетните и нападите со беспилотни летала врз Израел по договорот за прекин на огнот и размена на затвореници во Газа во јануари, Хусите продолжија да го таргетираат Израел откако Тел Авив минатиот месец го прекрши прекинот на огнот.