Tayfun Salcı
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер и лидер на Конзервативната партија, Борис Џонсон, од партиските тела суспендираше 21 пратеник кои синоќа го поддржаа започнувањето на процедурата за спречување на излегувањето на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ) без претходно постигнат договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Долниот дом на британскиот Парламент, Џон Берков, одобри итна расправа за блокада на Брегзит без договор која се одржа доцна синоќа.
Така опозицијата во земјата направи важен чекор да се спречи реализирање на Брегзит без договор на 31 октомври. За започнување на процедурите за спречување на Брегзит без договор гласаа 328 пратеници, додека 301 беа против. Синоќешното гласање даде можност опозицијата денеска во Парламентот да предложи нацрт-закон со кој би се забранил Брегзит без договор.
Резултатот од синоќешното гласање е првиот поголем пораз за актуелниот премиер Борис Џонсон во Парламентот, а тој поради тоа од клубот на пратеници на Конзервативната партија исклучи 21 пратеник кои го поддржаа предлогот на опозицијата.
Меѓу суспендираните конзервативци се и поранешните министри за финансии, Филип Хамонд и Кен Кларк, поранешниот министер за правда, Дејвид Гок и внукот на Винстон Черчил, лорд Николас Соамс.
Суспендираните за таа казна се информирани преку телефон.
Позицијата на Владата на Борис Џонсон е дополнително загрозена во британскиот Парламент. Минималното мнозинство во Парламентот, премиерот Џонсон го изгуби со вчерашното преминување на еден од пратениците во Либералната партија.
Џонсон најави можни предвремени избори во Велика Британија ако опозицијата успее во намерата законски да го забрани Брегзитот без договор. Аналитичарите предвидуваат дека изборите би можеле да бидат одржани на 15 октомври.