Mutlu Demirtaştan
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Александар Чеферин изјави дека кандидатурата на САД за организација на Светското првенство 2026 година би можела да биде загрозена со потезите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој има за цел да воведе ограничување за визите за странските државјани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за американските медиуми, Чеферин предупреди дека Трамп би можел да го загрози американскиот фудбал доколку продолжи со спроведувањето на политиката за забрана на влез во САД за државјаните од седум муслимански земји.
„Доколку на фудбалерите не им биде дозволен влез во земјата поради политички или популистички одлуки, можно е Мундијалот да не може да се одржи во таа земја. Истото важи за навивачите, новинарите и за други кои имаат намера да го следат Светското првенство“, изјави Чеферин.
Чеферин истакна дека таквата антимигрантска политика би ја загрозила кандидатурата на САД за организирање на Мундијалот, и дека тоа не се однесува само на САД, туку и на сите земји што ќе заговараат таква политика.
„Без оглед на тоа каде се одржува, на сите луѓе треба да им биде овозможено да го следат Светското фудбалско првенство. Се надеваме дека таквите забрани за влез нема да бидат спроведени“, изјави Чеферин.
Тој исто така посочи дека и Велика Британија по излезот од ЕУ би можела да ја загрози кандидатурата за финалните мечеви на некои големи фудбалски натпревари.
На Светското фудбалско првенство 2026 година, за првпат ќе настапат 48 репрезентации, а кандидатурите за Мундијалот можат да се поднесат сѐ до крајот на наредната година. Конечната одлука за домаќинот ќе биде донесена на Конгресот на ФИФА во мај 2020 година.