Dejan Maksimoviç
04 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
ТОРИНО (AA) – Џанлуиџи Буфон, иако има 39 години и понатаму ги импресионира љубителите на фудбалот во целиот свет. Извонредниот голман на Јувентус синоќа приреди уште една блескава претстава и ѝ помогна на одбраната на својот тим да не прими гол во првиот натпревар од полуфиналето од Лигата на шампионите, против Монако. Од друга страна, тандемот Дани Алвеш – Гознало Игуаин режираше две акции за два гола и големи 2:0 во пресрет на реванш-мечот на 9 мај во Торино, јавува Anadolu Agency (AA).
Буфон на гости во Монако го запиша шестиот по ред натпревар без примен гол во Лигата на шампионите, со што уште еднаш влезе во клупската историја.
„На секој натпревар сакам да докажам дека заслужувам да играм на ова ниво, и покрај моите години. Работам напорно секој ден за да ја исполнам таа цел. На денот кога ќе заминувам во пензија, сакам луѓето да бидат тажни поради тоа“, изјави Буфон за италијанските медиуми.
Голманот на Јуветнус истакна дека не се оптоварува со тоа дали некогаш во кариерата ќе ја освои „Златната топка“, наменета за најдобриот фудбалер на светот.
„Важно е да бидам подготвен кога сум му потребен на тимот. Сѐ додека можам да работам, тогаш сум задоволен и среќен. Освојувањето на 'Златната топка' не е нешто за што размислувам, ниту ми недостасува во кариерата. Трошам многу енергија за да бидам во форма, да сум добар на натпреварите и да им бидам од корист на соиграчите“, вели Буфон.
Засега, Јувентус има одлична сезона. Убедлив лидер е на Серија А, со девет бода предност во однос на второпласираната Рома. Се пласираше во финалето од Купот на Италија и се наоѓа пред влез во финалето од Лигата на шампионите.