Furkan Naci Top
14 Септември 2016•Ажурирај: 14 Септември 2016
АТИНА (AA) - Александер Чеферин е новиот претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), одлучено е со гласањето на Конгресот на УЕФА којшто денес се одржува во Атина, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изборната трка за прв човек на европскиот фудбал, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Словенија уверливо го победи Мишел ван Праг, претседателот на ФС на Холандија. Чеферин доби 42 гласа од сојузите што членуваат во УЕФА, наспроти 13 гласа за Ван Праг.
„Ви благодарам за фантастичната поддршка. Ова ми значи многу. Моето семејство е гордо на мене, но исто така и мојата мала, убава земја Словенија. Изборот за претседател на УЕФА значи и голема одговорност“, изјави Чеферин на Конгресот, во првата реакција откако е избран за претседател на УЕФА.
Во ексклузивниот разговор за Anadolu Agency, пред неколку дена Чеферин најави одредени промени во УЕФА и нагласи дека ќе работи за доброто на сите 55 национални асоцијации на континенталната организација. Тој рече дека на европскиот фудбал му е потребно единство и истакна дека УЕФА ќе се ангажира во порешителба борба против расизмот и национализмот на стадионите, а обложувалниците и нивната мафија ги нарече болеста на светскиот фудбал.
Чеферин изјави дека ќе се бори и против директното влијание на политиката во фудбалот, но ќе се залага и за колку што е можно подобра соработка на УЕФА со Светската фудбалска асоцијација (ФИФА). Тој порача и дека нема да дозволи ниту едно натпреварување во кое би играле повластени, големи клубови и репрезентации. Меѓу останатото, Чеферин ја поддржа и идејата за формирање регионална балканска лига, исклучиво во договор под ингеренција и во организација на УЕФА.
Александер Чеферин е роден на 13 октомври 1967 година во Љубљана, главниот град на Словенија.
Претседател е на ФС Словенија од 2011 година. Од 1992 година работи во семејната адвокатска компанија „Чеферин и синовите“, која ја основал неговиот татко, а нејзиното седиште е во Гросупље, мало место на 15 километри од Љубљана.
Тој е еден од највлијателните и најуспешните адвокати во својата земја. Чеферин вели дека со кривичното право се занимава 20 години и „во фудбалот видел многу потенцијални клиенти“.
Член е на Дисциплинската комисија на ФИФА, како и на Правниот комитет на УЕФА.