Admir Fazlagic
07 Октомври 2017•Ажурирај: 08 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Игор Ангеловски на синоќешната конференција за новинарите по натпреварот со репрезентацијата на Италија кој заврши нерешено (1:1), изјави дека претставува голема работа да се одигра нерешено со четирикратен светски првак како што е Италија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Да се одигра нерешено со четирикратен светски првак е голема работа. Целата заслуга е на фудбалерите, а сакам да го видам вистинскиот карактер на оваа селекција и да ја победиме селекцијата на Лихтенштајн. Ги погодивме и замените, Трајковски влезе и постигна гол. Испалнирано ни беше Трајковски да биде џокер и се покажа како вистински потег. Кога на два натпревара одиграте на вакво ниво со Италија, тогаш нема случајност при нашиот успех. Во силна група со Шпанија и Италија, покажавме квалитет и се надевам дека ќе го исполнам сонот и ќе се квалификуваме на една голема фудбалска приредба", изјави за медиумите селекторот Ангеловски.
Македонската фудбалска репрезентација синоќа во Торино одигра нерешено на гостувањето кај четирикратниот светски првак Италија. Со голот на Александар Трајковски во второ полувреме Македонија изедначи (1:1). Ова е трет натпревар на гости без пораз по двете победи над Лихтенштајн и Израел во овие квалификации за Светското првенство.
Последниот натпревар од квалификациите Македонија го игра на 9.октомври во Струмица против репрезентацијата на Лихтенштајн.