Elvır Hodzıc
14 Март 2024•Ажурирај: 16 Март 2024
МАДРИД / ДОРТМУНД (АА) - Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид со синоќешните победи изборија пласман во четвртфиналето на УЕФА Лигата на шампиони, известува Анадолу.
По ремито на првата средба на гостински терен, Борусија на реванш-средбата од осминафиналето во Дортмунд го совлада ПСВ Ајндховен со 2:0.
Погодокот за водство на Борусија веќе во третата минута го постигна Џејдон Санчо, извонредниот голгетер кој се врати во Дортмунд на позајмица по лошата адаптација и форма во Манчестер Јунајтед. Конечните 2:0 ги постави Марко Ројс во 90+5. минута.
Интер на првата средба во Милано го совлада Атлетико со резултат од 1:0, а синоќа Атлетико како домаќин во Мадрид извојува победа со резултат 2:1.
Гостите направија изненадување на почетокот на средбата и во 33. минута поведоа со 0:1 со голот на Фредерико Димарко. Но радоста на Интер траеше кусо, бидејќи само две минути подоцна, во 35. минута, Атлетико го изедначи резултатот на 1:1 со погодокот на Антоан Гризман. Победничкиот гол на Атлетико го постигна Мемфис Депај во 87. минута од натпреварот.
Со овој резултат заврши регуларниот дел од натпреварот, со севкупен скор од 2:2. Атлетико и Интер преминаа на одигрување продолжетоци, но во дополнителните 30 минути игра ниту еден тим не успеа да постигне погодок, по што се изведуваа удари од белата точка.
Лошата концентрација на фудбалерите на Интер или извонредната одбрана на Јан Облак му донесоа пласман на Атлетико Мадрид во четвртфиналето на УЕФА Лигата на шампиони. Облак одбрани два удари од белата точка, а последниот пенал што го изведе капитенот на Интер, Лаутаро Мартинез, отиде високо над голот, по што Атлетико со резултат 2:1 во регуларниот тек и 3:2 по изведувањето на пеналите избори пласман во следната фаза на ЛШ.
Претходно во четвртфиналето на Лигата на шампионите се пласираа Баерн Минхен, Париз Сен Жермен, Реал Мадрид, Арсенал, Барселона и актуелниот шампион, Манчестер Сити.
Паровите од четвртфиналето, како и од полуфиналето на овогодинешната Лига на шампиони ќе бидат познати по ждрепката што ќе се одржи во седиштето на УЕФА, во швајцарскиот град Нион, в петок, со почеток во 12 часот.