Oktaj Omeragikj
03 Декември 2022•Ажурирај: 04 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Вчера се одиграа последните натпревари во групите Г и Х, по што се познати и последните учесници во осминафиналето на Светското фудбалско првенство Катар 2022, известува Агенција Анадолија (АА).
Во групата Х, со почеток во 16:00 часот своите последни натпревари од групната фаза ги одиграа Јужна Кореја - Португалија и Гана - Уругвај.
Селекцијата на Португалија многу бргу успеа да ја затресе мрежата на Јужна Кореја. Веќе во 5. минута Португалија поведе со 1:0 благодарение на погодокот на Рикардо Хорта.
Сепак, селекцијата на Јужна Кореја не потклекна пред Португалија и во 27. минута изедначи на 1:1 со голот на Џин Су Ким. Со овој резултат се замина на полувреме.
Во второто полувреме Португалија се обидуваше да поведе, но не успеа во тоа. Затоа Јужна Кореја преку Уи Џо Хванг во судиското продолжение 90+1 постигна гол за конечни 2:1 и победа над Португалија, многу значајна победа бидејќи таа им обезбеди пласман во осминафиналето на СП Катар 2022.

Во вториот натпревар од оваа група Уругвај ја совлада Гана со резултат 2:0. Двата гола за Уругвај ги постигна Џорџиан де Араскаета во 26. и во 32. минута од натпреварот, погодоци постигнати во првото полувреме. Уругвај извојува победа над Гана, но не избори пласман во осминафиналето. Јужна Кореја и Уругвај имаат ист број голови и иста гол разлика, но Корејците имаат постигнато повеќе погодоци и тоа е причината зошто се најдоа на втората позиција и изборија пласман во осминафиналето на СП 2022.
Во групата Г во рамките на последното коло, со почеток во 20:00 часот се одиграа дуелите Камерун - Бразил и Србија - Швајцарија.
Бидејќи Бразил веќе го обезбеди пласманот во осминафиналето, не беше оптоварен од исходот на овој натпревар, но во никој случај не планираше да загуби. Бразил вложуваше напори да постигне гол, но Дејвис Епаси Мбока, голманот на Камерун, успеа да ја сочува својата мрежа. Во судиското продолжение, во 90+2 Камерунецот Винсен Абубакар постигна гол за победа над Бразил, прва победа на Камерун на ова светско првенство.
Многу поинтересен беше дуелот меѓу Србија и Швајцарија. На Србија ѝ беше потребна победа за пласман во осминафиналето, додека на Швајцарија ѝ беше доволен и бод за да се пласира во наредната фаза на СП Катар 2022.
Двете селекции започнаа со интензивни напади на противничкиот гол, а Швајцарија успеа да поведе со 1:0 во 20. минута со погодокот што го постигна Ѓердан Шаќири.
По примениот гол Србија започна поинтензивно да притиска на голот на швајцарскиот голман Кобел, што вроди со плод во 26. минута, кога Марко Дмитровиќ, по еден центаршут од левата страна со глава постигна гол и го изедначи резултатот на 1:1. Србија тука не запре и веќе во 35. минута Влаховиќ ѝ донесе водство на Србија од 2:1.
Кога Србија задоволна од предноста го чекаше крајот на првото полувреме, швајцарскиот фудбалер Емболо во 44. минута го изедначи резултатот и на пауза се замина со резултат 2:2.
Само што почна второто полувреме, селекцијата на Србија го доживеа и вториот шок. Ремо Фроjлер во 48. минута постигна гол за водство на Швајцарија од 3:2. Србија по примениот гол се обидуваше да дојде до посакуваниот пласман во осминафиналето за што ѝ беа потребни два погодоци, но до крајот на средбата не успеа во тоа. Со победата на Србија, Швајцарија го зазеде второто место во групата зад Бразил.
По овие средби познати се и последните осминафинални парови на СП Катар 2022. Тоа се Бразил - Јужна Кореја, средба што се игра на 5 декември, понеделник, со почеток во 20:00 часот, и Португалија - Швајцарија, натпревар што ќе се одигра на 6 декември, вторник, со почеток во 20:00 часот.
Денес на програмата се првите осминафинални натпревари на Светското фудбалско првенство Катар 2022. Се среќаваат:
16:00 Холандија - САД
20:00 Аргентина - Австралија
За утре се закажани средбите:
16:00 Франција - Полска
20:00 Англија - Сенегал