Hilmi Sever
08 Декември 2022•Ажурирај: 10 Декември 2022
ДОХА (АА) - Хрватска и Бразил денес се среќаваат во рамките на четвртфиналето на Светското првенство во фудбал 2022, што се игра во Катар, известува Агенција Анадолија (АА).
Дуелот меѓу овие две селекции се игра на Стадионот „Едукејшн сити“ со почеток во 16:00 часот, а средбата ќе ја води британскиот судија Мајкл Оливер.
Селекцијата која ќе победи на овој натпревар, во полуфиналето ќе игра против победникот од средбата Холандија - Аргентина.
Во досегашните натпревари на светските првенства, овие репрезентации на двапати се сретнале во групната фаза на турнирот. И на двете средби Бразил излезе како победник, совладувајќи ја Хрватска со 1:0 во 2006 и 3:1 во 2014 година.
Во групата Ф, селекцијата на Хрватска се натпреваруваше со репрезентациите на Мароко, Белгија и Канада. Против Мароко и Белгија одигра нерешено, а ја совлада Канада и со 5 бода се најде на втората позиција во групата Ф, во која на лидерската позиција со 7 бода беше Мароко. Мароко и Хрватска од оваа група изборија пласман во осминафиналето на СП Катар 2022.
Во осминафиналето, дуелот меѓу Хрватска и Јапонија во регуларниот тек и по одигрувањето на продолженијата заврши без победник, 1:1, по што се премина на изведување пенали. Хрватска беше поуспешна и со 3:1 во серијата удари од белата точка, избори пласман во четвртфиналето на СП.
Селекцијата на Бразил во групата Г играше против Швајцарија, Камерун и Србија. Бразил со две победи и еден пораз освои 6 бода и се пласира во осминафиналето како лидер во групата, благодарение на подобрата гол разлика пред селекцијата на Швајцарија, со која имаше ист број бодови.
Бразилците ги совлада Србија со 2:0 и Швајцарија од 1:0, но загубија од Камерун со резултат 1:0. Јужноамериканскиот претставник во осминафиналето без поголеми потешкотии ја совлада Јужна Кореја со 4:1 за пласман во четвртфиналето во кое игра против Хрватска.
- Нејмар го брка рекордот на Пеле
Доколку бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар постигне уште 2 гола, ќе го надмине легендарниот фудбалер Пеле и ќе стане најдобар стрелец на Бразил со 78 гола.
Нејмар, кој се повреди на првиот натпревар во групата фаза на СП во Катар, не настапи на средбите против Швајцарија и Камерун. Нејмар со голот постигнат од пенал против селекцијата на Јужна Кореја во осминафиналето, го зголеми бројот на погодоци постигнати за националниот тим на 76.