Dejan Maksimoviç
15 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, смета дека неговиот клуб е жртва на сопствениот успех, бидејќи претходните сезони постави високи стандарди, кои е тешко е да се одржат, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Оваа сезона на „граѓаните“ не им оди како во претходните две во англиската Премиер лига. Пред денешното дерби од 17. коло, на гости кај Арсенал заостануваат зад лидерот Ливерпул високи 17 бода.
„Кога дојдовме овде во 2016 година, стандардот за освојување на титулата беше освоени 85 бода. Сега, за да ја освоите Премиер лигата, треба да освоите речиси 100 бода. Ние му помогнавме на Ливерпул да го направи тој чекор, да купи неверојатни врвни играчи, и сега тоа е ниво кое мора да го достигнете. Сите екипи кои се зад Ливерпул знаат дека мора да освојат 100 бода. Во 11 години никој не ја одбрани титулата во Премиер лигата, а потоа тоа го направивме ние со 14 последователни победи. Затоа луѓето велат дека сега не сме добри, бидејќи не можат да го заборават она што го направи овој тим“, рече Гвардиола
Шпанскиот тренер истакна дека понекогаш во спортот доаѓа период во кој екипата или поединецот се мачат, но и дека тоа е нормално.
„Ситуацијата во која се наоѓаме ќе ни помогне во иднина. Секако, повеќе би сакал да сме поблиску до Ливерпул, но ова ќе ни помогне, на целиот клуб, на организацијата. Можеби помисливме дека по освоени четири пехари во една сезона сме нешто што всушност не бевме. Реалноста во спортот е дека постојано мора да се докажувате“, заклучи Гвардиола.
Дербито помеѓу Арсенал и Манчестер сити ќе се игра денеска на стадионот „Емирати“ во Лондон. „Топџиите“ го заземаат деветтото место на табелата со 22 бода, додека „граѓаните“ се на трето место со 32 бода.