Nebojša Petrovic
09 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Небојша Петровиќ
Контроверзниот филмски продуцент Аурелио де Лаурентис не се сомнева дека неговиот Наполи на 11 декември (вторник) ќе го преживее „пеколот“ на „Енфилд“, и дека со позитивен резултат против Ливерпул ќе избори пласман во нокаут-фазата на УЕФА Лигата на шампиони. Претседателот на Наполи порача дека не би имал ништо против доколку вратата кон осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони им ја отвори тимот на Црвена ѕвезда.
„Белграѓани имаат одлична екипа, што го докажаа во двата натпревара против Наполи. Се надевам дека Пари Сен Жермен нема лесно да дојде до бодовите во последното коло на „Маракана“ во Белград, и дека Sвезда, со нова сензација во Лигата на шампиони, ќе ни овозможи да останеме на врвот од табелата во нашата група“, рече Де Лаурентис за Anadolu Agency (AA).
Тимот на Карло Анџелоти без поголеми проблеми го контролираше натпреварот против Црвена ѕвезда, и благодарение на извонредната игра на капитенот Хамшиќ и двојниот стрелец Мертенс, стигна до многу важни бодови во 5. коло на групата Ц, со победата од 3:1. Црвена ѕвезда дури во второто полувреме дојде до здив и успеа да го ублажи поразот со погодокот на Марк Марин.
„Не би сакал да судам кој играч на Sвезда остави најдобар впечаток. Не ја познавам доволно таа екипа, но можам да забележам дека има одличен тренер. На „Сан Паоло“ навистина изгледаше како тим, и само луд човек би можел да потцени еден таков противник во Лигата на шампиони. Sвезда заслужува респект, иако е факт дека на гостински терен тоа не е истиот тим кој игра непобедливо пред својата публика. Поголемиот дел од играчите со кои располага тренерот Милојевиќ би нашле место и во други големи европски лиги“, смета претседателот на Наполи, додавајќи дека нерешениот натпревар од првото коло во групната фаза на Лигата на шампиони во Белград, би можел скапо да ја чини неговата екипа:
„На тој натпревар немавме ниту доволно среќа. Дадовме сѐ од себе, напаѓавме, создававме можности, погодувавме пречки и стативи, но топката не сакаше во гол. Тука има уште еден значаен детаљ, стадионот во Белград е налик на гладијаторска арена. Навивачите секогаш се 12-ти, 13-ти, па дури и 14-ти играч на Sвезда долу на теренот. Не е лесно во таков амбиент да се освојат бодови. Затоа белграѓани на секого во Лигата на шампиони можат да му ги замрсат сметките. Така нека биде и против Пари Сен Жермен.“
Ниту стадионот во Неапол не заостанува многу на полето на фудбалската атмосфера. На натпреварот против Sвезда забележана е втората најголема посета оваа сезона (44.476), по онаа на натпреварот против Пари Сен Жермен (55.489). Голема загатка е кој од овие два стадиона повеќе потсетува на „лавовско дувло“.
„Пеколно е и во Неапол и во Белград. Можеби атмосферата на „Маракана“ е уште пожешка“, признава Де Лаурентис.
Sвезда ги надмина своите можности во Лигата на шампиони и со освоени 4 бода, веќе ги надмина очекувањата на комплетната јавност во регионот. По ждрепката во Монте Карло, звучеше како научна фантастика дека момците на тренерот Владан Милијевиќ ќе можат да го дочекаат последното коло во „групата на смртта“ со шанси за пласман во Лига Европа.
„Можеби и ние ќе ѝ помогнеме на Sвезда со победа во Ливерпул. Ќе биде тешко, но никој не може да ви забрани да се надевате не чудо“, порача човекот којшто го препороди Наполи и му обезбеди место во кремот на европскиот фудбал.
Семејството Де Лаурентис светската слава ја стекна на полето на филмската индустрија, а Аурелио само продолжи по стапките на својот дедо Дино и татко Луиџи.