АНКАРА (АА) - Меѓу осумте четвртфиналисти на Светското првенство во Катар 2022, Мароко е најголемото изненадување, но во наредните денови ќе се види дали ќе можат „Лавовите од Атлас“ да продолжат со возбудливата игра или не, пишува Агенција Анадолија (АА).
Мароко, кој никогаш не успеа да го помине осминафиналето пред „Катар 2022“, се пласира во четвртфиналето за прв пат во историјата, откако во вторникот го елиминира поранешниот шампион Шпанија по изведувањето на пенали.
„Лавовите од Атлас“ имаат играно на Светското првенство шест пати - во 1970, 1986, 1994, 1998, 2018 и 2022 година.
Мароко даде се од себе во 1986 година, но африканскиот тим беше елиминиран во осминафиналето од Западна Германија со резултат 1:0.
Во Катар, Мароко е прогласен за „темен коњ“ на турнирот поради изненадувачки добриот настап.
Предводен од десниот бек на Париз Сен Жермен, Ахраф Хакими, Мароко стана првиот африкански тим што ја помина групната фаза на Светското првенство во 21. век.
Мароко го освои првото место во групата Ф со седум бода додека се натпреваруваше против тешки противници како Хрватска, Белгија и Канада. Освен Мароко, понатаму се пласираше и Хрватска, актуелниот светски вицешампион.
Мароканците ремизираа со Хрватска 0:0 во првиот натпревар од групата Ф, потоа ја победија Белгија со 2:0 и на крајот Канада со резултат 2:1, со што го обезбедија првото место во групата.
Така „Лавовите на Атлас“ во осминафиналето излегоа на мегдан пред Шпанија, второпласирана во групата Е.
Шпанија ја зазеде втората позиција во групната фаза, и освои четири бода како Германија, но благодарение на гол-разликата успеа да се пласира во осминафиналето.
Мароко се сретна со Шпанија во вторникот и го елиминира шампионот од 2010 година, совладувајќи го со 3:0 во пенали, откако регуларниот тек на натпреварот заврши без голови.
Во следниот меч на Катар 2022, Мароко, кој од клупата го води Валид Реграги, денес ќе ги одмери силите со Португалија.
Португалија во вторникот ја совлада Швајцарија со 6:1 и се пласира во четвртфиналето.
- Четвртиот африкански тим што стигна до осминафиналето -
Во историјата на Светските првенства, Мароко стана четвртиот тим од Африканската фудбалска конфедерација (CAF) што играл во четвртфинале.
Камерун (1990), Сенегал (2002) и Гана (2010) претходно стигнаа до четвртфиналето на Светското првенство, што е најдобриот успех на Африка до сега.
Англија го стопира Камерун со резултат 3:2 во четвртфиналето во 1990 година.
Туркије, која беше изненадување на Светското првенство во 2002 година, го елиминира Сенегал со „златен гол“ со 1:0.
Во четвртфиналето на Светското првенство 2010 во Јужноафриканската Република, Гана беше елиминирана од Уругвај по изведувањето пенали по нерешениот резултат од 1:1.
- Мазрауи, Хакими, Зиеш -
Нусаир Мазрауи (Баерн Минхен), Хакими (Париз Сен Жермен) и Зиеш (Челзи) се главните столбови на Мароко.
Освен нив, важни играчи на тимот се и Најеф Агуерд (Вест Хем Јунајтед), Ромаин Саис (Бешикташ), голманот Буну (Севиља) и Јусеф Ен Несири (Севиља).
На Светското првенство 2022, Мароко постигна четири гола - два против Белгија, а останатите два против Канада. Стрелци на головите беа Закарија Абухлал, Саис, Ен Несири и Зиеш.
Сепак, Агуерд си постигна автогол на мечот против Канада, што е единствениот гол што Мароко го прими на ова Светско првенство.
Вчера започна четвртфиналната фаза во Катар.
Полуфиналните натпревари ќе се одржат следната недела, а финалето на 18 декември, ден по натпреварот за третото место.