Admir Fazlagic
10 Јануари 2019•Ажурирај: 10 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Одбојкарската репрезентација на Македонија синоќа за првпат се пласира на Европското првенство откако во последното коло од квалификациите во Скопје ја победи Унгарија со 3:0, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој резултат на македонската репрезентација, како една од петте најдобри второпласирани екипи, ѝ овозможи да се пласира на Европското првенство кое се игра оваа година од 13 до 29 септември, и тоа во четири земји: Словенија, Холандија, Белгија и Франција.
На Европското првенство за првпат ќе учествуваат 24 репрезентации.
По повод победата на одбојкарската репрезентација на Македонија, честитки упати и премиерот Зоран Заев кој во објава на својот официјален профил на социјалните мрежи истакна дека со победата во мечот со Унгарија, машката одбојкарска репрезентација на Република Македонија за првпат во историјата на македонскиот спорт се пласираше на едно Европско првенство.
„Сите се гордееме и аплаудираме на овој резултат и пласман. Имаме обврска да го поддржуваме и развиваме репрезентативниот спорт. Браво за нашите одбојкари!“, напиша Заев.