Şenhan Bolelli
08 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
МАДРИД (АА) – Играчот од средниот ред на Барселона, 31-годишниот фудбалер Лионел Меси, по 9 месеци е повикан во Аргентинскиот национален тим, пренесува Anadolu Agency (AA).
Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) ја објави кандидатската листа на фудбалерите кои ќе настапат на пријателските натпревари на 22 март со Венецуела и на 26 март со Мароко. Лионел Меси, кој се наоѓа на листата, по околу 9 месеци повторно е повикан да игра за националниот тим на Аргентина.
Меси последен пат за Аргентина играше на Светското првенство во Русија, на 30 јуни 2018 година, на четвртфиналниот натпревар со Франција, каде што Аргентина беше поразена со резултат 4 : 3.
Од друга страна, шпанските медиуми објавуваат дека Меси ќе игра само на натпреварот со Венецуела што ќе се одигра на 22 март на стадионот „Ванда Метрополитана“ во Мадрид, но нема да оди на мечот со Мароко, кој ќе се одигра во Тангер.
„Лео е во составот. Подоцна ќе видиме дали ќе игра во еден или во двата натпревара. Јас ќе ја донесам таа одлука“, изјави националниот тренер на Аргентина, Лионел Скалони.
Тој, потсетувајќи дека на турнирите каде што настапувал Меси, Националниот тим на Аргентина се пласирал 4 пати во финале (Светско првенство во Бразил 2014 година, во 2007, 2015 и 2016 година Куп на Америка) истакна: „Мислам дека знам како ќе го користиме Меси кога ќе ни биде потребен. Со него игравме 3 финални меча во Купот на Америка, изгубивме со мала разлика.“
Од друга страна, Серхио Агуеро не е повикан во Аргентинскиот национален тим за мечевите со Венецуела и Мароко.
Аргентина ќе учествува во Купот на Америка во 2019 година, кој ќе се одржи во Бразил од 14 јуни до 7 јули.