Fatih Erel
24 Април 2025•Ажурирај: 25 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, вчера ја истакна стратегиската важност на новата канцеларија на УЕФА во Истанбул во рамките на подготовките за Европското првенство во 2032 година, за кое заедно домаќини ќе бидат Туркије и Италија, јавува Анадолу.
Говорејќи на свечената вечера одржана во историската палата Чираган во Истанбул, во пресрет на официјалното отворање на новата канцеларија денес, Чеферин ги пофали богатата фудбалска култура на Туркије, силната инфраструктура и досегашниот успех во организирањето големи спортски настани.
„Искрено да кажам, секогаш ми е огромно задоволство да дојдам во Туркије и во Истанбул“, изјави Чеферин.
„Во Истанбул, со неговата историја и како единствен град што поврзува два континента, секогаш се чувствувам како дома“, додаде тој.
Според Чеферин, новата канцеларија, основана во соработка со Турската фудбалска федерација, ја симболизира јасната намера на УЕФА да ги зајакне врските со Туркије и да обезбеди успешна реализација на ЕВРО 2032.
„Сакаме да го споделиме нашето искуство и токму затоа решивме да отвориме канцеларија овде заедно со Турската фудбалска федерација“, изјави Чеферин.
„Затоа што сакаме во 2032 година да го организираме најдоброто Европско првенство досега, во Туркије и Италија. Сакаме да работиме заедно и со нетрпение го очекувам утрешното отворање“, додаде тој вчера.
Домаќини на Европското првенство во 2032 година официјално ќе бидат Туркије и Италија.
Чеферин изрази надеж дека финалето ќе биде токму меѓу двете земји домаќини.
„Со нетрпение го очекувам ЕВРО 2032. Посакувам финале меѓу Туркије и Италија“, додаде тој.
Претседателот на УЕФА ги пофали и континуираните напори на Туркије во организацијата на фудбалски настани од светски ранг.
„Турската фудбалска федерација и Владата на Туркије секогаш биле одлични организатори на фудбалски настани“, потенцираше Чеферин.
„Досега Туркије беше домаќин на голем број натпревари и финалиња во рамките на клупските натпреварувања, а последното беше најголемиот спортски настан во светот - финалето на Лигата на шампионите во 2023 година. Сега може да очекувате финале на Европската лига во 2026 година и на Конференциската лига во 2027. Искрено се надевам дека некој од турските клубови ќе заигра во едно од тие финалиња“, изјави Чеферин.