Seyyid Emin,Furkan Abdula
07 Декември 2019•Ажурирај: 08 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Фудбалерот Кристијано Роналдо и голманот Џанлуиџи Буфон, кои се дел од италијанскиот фудбалски клуб Јувентус, им подарија дресови со автограм на двете деца кои скокајќи од прозорец се спасиле од земјотресот што ја погоди Албанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во болница ги посети 7-годишниот Аурел Лала и 10-годишниот Алесјо Цакони, кои се спасија од земјотресот со јачина од 6,3 степени, што на 26 ноември ја погоди Албанија. Откако Рама дозна за сонот на овие деца, заедно со нив отпатува во италијанскиот главен град, Рим, каде што се сретнаа со играчите на Јувентус, Роналдо и Буфон.
Рама овие моменти ги пренесе во живо преку неговиот профил на Фејсбук, каде што го постави хаштагот „Ти никогаш нема да бидеш сам“.
Албанскиот премиер нагласи дека ова е едно изненадување за Аурел и Алесјо, на кои им посака долг, здрав и среќен живот.
На средбата, Роналдо и Буфон на децата им подарија нивни дресови со автограм, а потоа и се фотографираа со нив.
Исто така, Рама на Цакони му го подари и дресот на голманот на Милан, Џанлуиџи Донарума.
Инаку, во земјотресот во Албанија загинаа 51 лице, а повредени беа над 900 лица. Во земјотресот Лала ги загуби неговата сестра и баба, додека Цакони неговиот татко и сестра.