Emre Doğan,Emre Aşıkçı
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - ЕМРЕ ДОГАН/ЕМРЕ АШИКЧИ -
Ќерките на Ергин Атаман, главниот тренер на шампионот во Евролигата, Анадолу Ефес, жалат што не можеа да го придружуваат нивниот татко за време на неговите најголеми моменти во кариерата поради визната политика на Германија кон Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Анадолу Ефес ја освои шампионската титула во европската кошарка по завршувањето на Фајнл-фор натпреварите играни од 28 до 30 мај во Келн, Германија. Сепак, ќерките на Атаман не можеа да го следат Фајнл-фор бидејќи Германија не им одобри визи.
Гизем и Џерен Атаман, кои се школуваат во САД, ја изразија својата разочараност поради тоа.
Џерен рече дека штом пристигнале во Истанбул од САД, започнале со визната процедура, истакнувајќи дека во случај да не можат да стигнат за авионот на тимот, нивниот татко купил билети за нив за 29 мај.
„Мислевме дека ќе добиеме визи и дека ништо спротивно нема да се случи бидејќи семејствата на другите тимови патуваа таму. Бевме многу вознемирени во четвртокот кога татко ми ни испрати порака, велејќи: ’Тие не ги прифаќаат вашите апликации за визи‘“, рече таа за АА.
Истакнувајќи дека сакале да бидат таму покрај својот татко, таа додаде: „Требаше да добиеме визи затоа што примивме и втора доза на вакцина [против коронавирусот]“. Таа смета дека тоа е направено намерно.
„Никогаш немам доживеано такво нешто во САД или во која било друга земја. Можеби е поврзано со исламот. Мислам дека ова е расизам“, нагласи таа.
Гизем рече дека таа и нејзината сестра не загрозуваат никого затоа што ја примиле втората доза од вакцината против Ковид-19.
„Не мислам дека има врска со глобалната пандемија. Можеби има политички причини. Може станува збор за тоа што Германците не ги сакаат Турците, бидејќи тоа ни се случи само нам“, рече таа.
- „Дискриминација на Турците“ -
Во разговор за Агенција Анадолија, тренерот Ергин Атаман рече дека бил многу лут откако дознал за неправедниот процес за визи, додавајќи дека неиздавањето визи за неговите ќерки, кои примиле по две дози вакцина, е дискриминација кон Турците.
„Добивме покана од шпанскиот Реал Мадрид за мојата сопруга Берна и мојот син Сарп кога заминувавме. Шпанскиот конзулат им даде и шенгенска виза“, рече Атаман.
„И покрај официјалната покана од Евролигата, Генералниот конзулат на Германија во Истанбул не им даде визи на моите ќерки. Ние им ги дадовме сите документи што ги побараа“, истакна тој.
Посочувајќи дека неговите ќерки се студентки на универзитети во САД, Атаман рече: „Досега добиле визи за секаде во Европа, и психолошки ова многу ги растажи.“
„Информирани бевме дека треба да ги повлечеме нашите апликации од Конзулатот и дека Конзулатот нема дадено визи никому, вклучително и на моите ќерки“, рече Атаман.
Тој истакна дека неговите две ќерки никогаш не го оставиле сам за време на европските шампионати.