Ercan Çakar,Emrah Oktay
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (AA) – Јилдирим Демирорен, претседател на Фудбалскиот сојуз на Република Турција (ТФФ) изјави дека Турција на 2. март службено ќе поднесе барање за организирање на Европското фудбалско првенство (ЕУРО) 2024 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во седиштето на ТФФ во Истанбул беше одржан состанок на раководството на турската куќа на фудбалот, на кој присуствуваше и турскиот министер за спорт и млади Акиф Чагатај Килич.
По три неуспешни кандидатури во минатото, ТФФ донесе одлука во наредниот период и четврти пат да се обиде со кандидатура за организатор на ЕУРО.
„Се собравме тука поради работа што е корисна за турскиот фудбал, но и за државата воопшто. Тука сме за да тргнеме на патот на кандидтурата за ЕУРО 2024. Формално ќе ја предадеме кандидатурата на 2. март“, изјави Демирорен.
Демирорен укажа на големите вложувања на Турција во спортската инфраструктура, и рече дека Турција е единствената земја во Европа, па и во светот, која може да се пофали дека во изминатите неколку години направи 32 фудбалски стадиона.
„Претходните кандидатури не ги добивавме за еден глас. Сега сме уверени дека заслужуваме да бидеме организатори на ЕУРО. Затоа и го правиме ова. Им се заблагодаруваме на министерот, премиерот и на претседателот на државата за поддршката и уверени сме дека со заеднички напори, оваа работа успешно ќе ја приведеме кон крајот“, истакна Демирорен.