Berad Büyük
07 Април 2020•Ажурирај: 07 Април 2020
ЛОНДОН (АА) - Во екот на глобалната пандемија на Ковид-19, раководството на Фудбалскиот сојуз на Англија (ФА) донесе одлука за намалување на платите на своите вработени, вклучително и на стручните штабови на машката и женската репрезентација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Челникот на Сојузот, Марк Булингам, соопшти дека е донесена одлука за привремено намалување на платите за 7,5 отсто на сите вработени чиишто годишни примања надминуваат 50.000 фунти.
Тој додаде дека платата на раководниот кадар на Сојузот ќе се намали за 15 отсто, додека најголемите плати во таа установа ќе бидат намалени за 30 отсто.
Булингам најави и можно испраќање на неколкумина вработени во Фудбалскиот сојуз на неплатен одмор, со оглед на одложувањето на сите фудбалски натпревари во Англија и остатокот од светот.
Англиските медиуми пишуваат дека селекторите на машките и женските национални селекции, Герет Саутгејт и Фил Невил, спаѓаат во категоријата вработени со највисоки плати во Сојузот, и дека нивните плати ќе бидат намалени за 30 отсто.
Шефот на стручниот штаб на машката репрезентација на Англија, Саутгејт, има годишна плата од 3 милиони фунти, додека селекторот на женскиот национален тим, Невил, има десетпати помала плата (300.000 фунти).