Emre Aşıkçı
21 Март 2023•Ажурирај: 22 Март 2023
ОСЛО (АА) - Ерлинг Халанд поради повреда на препоните не се наоѓа на списокот на играчи за натпреварот на норвешката репрезентација против Шпанија и Грузија во квалификациите за Европското првенство 2024 година, известува Анадолу.
Информацијата за неговата повреда ја потврди Фудбалскиот сојуз на Норвешка, наведувајќи дека за Халанд е најдобро да добие медицинска помош во сопствениот клуб.
Селекторот на Норвешка, Столе Солбакен, изјави дека на напаѓачот на Манчестер Сити му паднало тешко кога сфатил дека нема да може да игра за својата репрезентација.
„За среќа, имаме доволно самодоверба, талент и хомогеност во екипата да и без него дојдеме до бодови во натпреварите што следуваат“, порача тренерот Солбакен.
Напаѓачот на Манчестер Сити се здоби со повреда на препоните во натпреварот од ФА Купот против Барнли во саботата. Халанд постигна хет-трик за високата победа на Сити од 6:0 и го понесе својот тим во полуфиналето на ова натпреварување.
Халанд досега успеа да постигне 42 погодоци на 37 настапи за Манчестер Сити.