Fatih Erel
24 Септември 2022•Ажурирај: 25 Септември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Роџер Федерер, 41-годишната швајцарска тениска легенда и освојувач на 20 гренд слема, го одигра последниот натпревар во својата професионална кариера и официјално замина во пензија, известува Агенција Анадолија (АА).
Федерер, кој ѝ стави крај на својата професионална тениска кариера по мечот на Лејвер купот во O2 арената во Лондон пред 20.000 гледачи, се појави на теренот само во игра на двојки, имајќи предвид дека имаше проблеми со коленото, кое неодамна го оперираше.

Федерер, кому на теренот партнер му беше Шпанецот Рафаел Надал, го загуби мечот во двојки од Џек Сок - Франсес Тијафо. По овој натпревар поранешниот тениски светски рекет број 1 ја заврши својата 25-годишна професионална кариера.
По натпреварот, Федерер ги гушна Надал и останатите тенисери, заплака, а потоа се прости со громогласен аплауз од повеќеилјадната публика.
Федерер е успешен тенисер во историјата на Вимблдон кој го освои овој грен слем турнир осум пати, а има освоено вкупно 103 АТП-наслови и 20 грен слема.

Ривалството меѓу Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ е познато како „голема тројка“, и со златни букви е испишано во најсветлите периоди во историјата на тенисот, но и на спортот воопшто. Милиони љубители на спортот уживаа во дуелите на овие тројца тенисери.
Федерер, кој беше на врвот на светската АТП-листа вкупно 310 недели, влезе во историјата на тенисот како тенисер кој бил светски рекет број еден 237 недели последователно.