Murat Yolcu
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
ИСПАРТА (AA) - МУРАТ ЈОЛЧУ –
Иако е родено со болеста ахондроплазија, дванаесетгодишното девојче Улку Акташ веќе пет години посветено тренира пливање со цел да стане првак на Турција и на Европа, не осврнувајќи се на проблемот на џуџестиот раст, јавува Anadolu Agency (AA).
Девојчето Акташ од турскиот град Испарта, родено е 2004 година со вродена ахондроплазија, болест попозната како џуџест раст, но со поддршката на семејството и тренерот успеа да ги надмине сите тешкотии и на 12-годишна возраст основано се стреми да ја освои титулата првак во пливање во својата земја и во Европа.
Тренерот по пливање во Испарта, Ибрахим Кач, во 2011 година го забележал девојчето како со родителите шета покрај градскиот базен и се понудил да ја научи да плива. Тој не претчувствувал дека само по неколку месеци ќе биде горд кога со неа ќе освои низа локални натпревари во различни пливачки дисциплини.
Минатата година Акташ се вклучи во професионални натпреварувања за спортисти со инвалидитет и во Сакарја освои бронзен медал на првенството во Турција во дисциплина 100 метри слободен стил.
Во разговор за АА, Акташ рече дека е свесна за својата болест, но дека никогаш не и недостасувала инспирација, ниту на тоа гледала како на хендикеп.
Истакнувајќи дека напорно работи за да ги оствари своите цели, Акташ рече дека нејзината желба е еден ден да го освои европското првенство.
Тренерот Кач истакнува дека Акташ е исклучително грижлива и дека не е далеку од остварувањето на целите што ги поставила пред себе.
Тој нагласи дека Акташ на тренинзите секогаш доаѓа порано, и дека по тренинзите самостојно работи. Тренерот Кач вели дека нејзиниот победнички дух и насмевката на лицето се добар пример и порака за сите лица со физички ограничувања.