Enes Kaplan
14 Јуни 2017•Ажурирај: 14 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролот на кабинетот на турскиот претседател Ибрахим Калим изјави дека официјалните претставници и медиуми на Западот го занемариле неодамнешниот терористички напад во којшто терористите на ПКК свирепо убија млада наставничка по музичко и еден припадник на турската жандармерија во југоисточниот дел на Турција, и додаде дека тоа е најдобриот показател во каква ера на тероризам и дволичност живееме, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористите на ПКК во петокот, во центарот на Козлук извршија неуспешен обид за атентат на началникот на тој град Вејси Ишик, а потоа извршија уште еден напад во којшто беа убиени 22-годишната наставничка Шенај Ајбуке Јалчин и офицерот на жандармеријата Сонер Фазлиоглу.
Портпаролот на турскиот претседател во колумната што ја објави дневниот весник „Daily Sabah“ (Дејли Сабах) ги обвини западните медиуми дека го занемариле тој свиреп напад што терористите го извршија во центарот на градот Козлук во областа Батман.
„Освен неколку весници што од Турција пишуваат на англиски јазик, никој на Западот не се осврна на терористичкиот чин во кој настрада младата жена. Го занемарија затоа што тој настан не се вклопува со тврдењата за терористичката организација ПКК и нејзиниот огранок ПЈД. Медиумите коишто не пропуштаат ниту една шанса да ја критикуваат Турција и ја повикуваат на дијалог, а терористите на ПКК ги оправдуваат, не најдоа за соодветно ни да го осудат тој терористички напад. Тоа само ни покажува дека живееме во ера на невиден тероризам и дволичност“, порача Калин.
Калин потсети дека медиумските ограноци на ПКК во Германија, Австрија и во другите европски земји пофално зборуваат за таквите напади во Турција, и дека турските официјални лица им го укажуваат тоа на европските колеги, но тие секогаш се прават глуви и се обидуваат случајот да го пренесат на полето на слобода на говорот.
„Од кога протерористичката пропаганда може да се штити со слобода на говорот? Секако дека нема оправдување за такво нешто. Гледате како сите во Европа и во САД по терористичките напади ги осудуваат терористите и ги штитат своите народи. Никој не ги критикува за тоа и имаат право на тоа, но јасно гледаме дека истите тие земји имаат двојни стандарди кога се работи за борбата против тероризмот во Турција“, изјави Калин и додаде дека борбата против тероризмот мора да се води на глобално ниво.