Tuğrul Çam
24 Јули 2019•Ажурирај: 25 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека во наредните денови е можно основање на Уставотворна комисија на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу се состана со министерот за надворешни работи на Никарагва, Денис Монкадо Колиндрес, а по средбата одржа прес-конфернција на која, меѓу останатото, зборуваше и за последните случувања во Идлиб.
Запрашан за телефонскиот разговор со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, Чавушоглу изјави дека побарал запирање на руските напади.
Тој додаде дека од Лавров побарал да ја пренесе пораката од турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, до рускиот претседател, Владимир Путин, и додаде дека е потребно да се фокусира на политичкиот процес во Сирија.
Чавушоглу изјави дека е разговарано и за формирање Уставотворна комисија, која е дел од политичкиот процес во Сирија.
„Имавме несогласувања околу шест имиња на листата на невладиниот сектор. ОН и Турција изјавија дека овие имиња не претставуваат невладин сектор. На крајот е постигнат договор за форматот 4+2. Претходно во Женева во голема мерка е постигнат договор околу интерните прописи и начинот на работа. Во наредните неколку дена би можеле да прогласиме основање на Уставотворна комисија“, изјави Чавушоглу.
Тој се осврна и на посетата на специјалниот американски пратеник за Сирија, Џејмс Џефри, на Турција и разговорите за основање безбедносна зона во северниот дел на Сирија.
„Новите предлози на САД не се задоволувачки за нас. Мораме тоа јасно да го кажеме“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека е потребно со САД што побрзо да се постигне договор за безбедносната зона и дека Турција губи трпение.