АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу беше гостин на уредничкиот колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашања од новинари и уредници на АА поврзани со дневнополитичките настани, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавушоглу во врска со терористичкиот напад во населбата Ортакој во Истанбул изјави: „Идентификувано е лицето што го изврши нападот во ноќниот клуб ‘Реина’“.
Министерот рече дека продолжува акцијата за фаќање на терористот. На прашањето за очекувањата во 2017 година, министерот Чавушоглу истакна дека изминатата година, и покрај сите тешкотии поминала без економска криза. Тој нагласи дека Турција продолжува да се развива, надминувајќи ги проблемите еден по еден.
Турскиот министер потсети на обидот за државен удар од страна на ФЕТО на 15 јули: „Турскиот народ застанувајќи повторно цврсто на сопствените нозе, сплотено, и сите заедно, предводени од претседателот Ердоган, се обидуваме опстанокот на народот и државата да бидат над сѐ. Сите нешта ги надминуваме заедно. Се надеваме дека 2017 ќе биде многу подобра година“.
- Период на прекин на огнот во Сирија -
Шефот на турската дипломатија се надоврза и на прекинот на огнот во Сирија, кој е воспоставен под гаранција на Турција и Русија. Тој истакна дека доколку двете страни се придржуваат на договорениот прекин на огнот, тогаш преговорите би започнале на 23 јануари во Астана.
„Многу ќе се потрудиме за да се најде политичко решение“, рече министерот Чавушоглу и додаде дека експерти од Русија на 9-10 јануари ќе бидат гости на турското Министерство за надворешни работи, каде што ќе биде испланиран поцесот што ќе се одвива во Астана.
Министерот Чавушоглу рече дека Турција ќе продолжи да ја дава својата поддршка за ослободување на Ирак од ДЕАШ.
- Меѓународни иницијативи -
Шефот на турската дипломатија изјави дека Турција се договорила со Европската Унија (ЕУ) околу надградбата на Царинската унија, и истакна дека нема место за очај и посочи дека процесот за визна либерализација продолжува.
„Сакаат да ги измениме законите за борба против тероризмот, но на ЕУ ѝ објаснивме дека тоа не е можно, дека тоа не може да се случи“, додаде Чавушоглу.
Тој истакна дека ќе му обрнат поголемо внимание на Сојузот на цивилизациите, и информираше дека ќе водат поефикасна борба против исламофобијата и расизмот.
Министерот Чавушоглу посочи дека со време се зацврстува турската иницијатива во посредувањето со цел да се дојде до мир, и додаде: „Ќе дадеме свој удел во тоа да заживее изнаоѓањето решение со посредување, пред недоразбирањата да преминат во судири“.
За периодот на отворањето на Турција кон Африка, Азија-Пацифик и Латинска Америка, Чавушоглу рече дека тоа ќе се остварува со меѓусебни средби и дека приоритет ќе им биде даден на двојните трговски договори со организации и земји надвор од ЕУ.
Тој изјави дека ќе се зголеми бројот на турските амбасади: „Нашата надворешна политика е фокусирана кон луѓето. И тоа ќе го продолжиме“.
Турскиот министер додаде дека на Балканот и во областа Кавказ ќе продолжат да го спроведуваат механизмот на тројство, и во таа насока, идниот месец ќе биде одржан Самит на тројката Азербејџан-Туркменистан-Турција.
- „По 15 јули, западните земји направија многу сериозни грешки“ -
Во врска со однесувањето на западните земји кон Турција по обидот за државен удар, министерот Чавушоглу изјави: „По 15 јули беа направени серизни грешки, особено од страна на западните земји. Некои дури и со непријателски чувства кон Турција, посакаа обидот за државен удар да биде успешен“.
- „Зачестените прекршувања на примирјето во Сирија може да доведат до неуспех на процесот во Астана“ -
За прекршувањата на прекинот на огнот во Сирија од страна на режимските сили, министерот Чавушоглу рече: „Доколку не престанат зачестените прекршувања на прекинот на огнот, тогаш процесот во Астана може да биде неуспешен. Има прекршувања на договореното примирје. Кога ќе погледнеме кој ги прави овие прекршувања, може да се воочи дека извршители се Хезболах, а особено шиитските групи и силите на режимот“.
Министерот Чавушоглу рече дека е потребно и Иран да даде гаранција за примирјето. „Тежиштето треба да се стави врз шиитските милиции и силите на режимот“, рече турскиот министер Чавушоглу.
- „Со Русија разговаравме дека ПЈД не треба да учествува на преговорите во Астана“ -
„Зошто ние го напаѓаме ПКК во Кандил? Бидејќи во Синџар доаѓа од таму. Нашата основна задача е да ги неутрализираме терористите што доаѓаат од Сирија“, изјави министерот Чавушоглу во врска со преговорите што треба да се одржат во Астана. Тој истакна дека Русија го разбрала турскиот проблем и нејзиното барање терористичката организација ПЈД да не биде дел од планираните преговори во Астана.
Чавушоглу за односите на Турција со САД изјави: „САД е наш многу важен сојузник. Имаме соработка на секое поле. Но има една вистина во моментов, постои криза во довербата“. Околу елементите на ПЈД/ПКК во Мунбич, тој истакна: „Знаеме дека постојат елементи на ПЈД/ПКК во Мунбич. Синоќа претседателот Ердоган тоа му го кажа на претседателот на САД, Обама. Двајцата претседатели се согласиле дека е потребно овие елементи да преминат на источната страна од Еуфрат“.
- „Извршителот на атентатот врз амбасадорот е поврзан со ФЕТО“ -
Министерот за надворешни работи на Турција во врска со атентаторот на рускиот амбасадор Карлов во Анкара изјави: „Според информациите и документите што ги имаме, ова лице е поврзано со терористичката организација ФЕТО“.