Ekipa
03 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Поранешниот член на турската жандармериска единица во Истанбул, Јусуф Бозџа, кој е уапсен во рамките на истрагата за убиството на турско-ерменскиот новинар Хрант Динк од 2007 година, кој со мерки за забрана е пуштен на слобода, изјави дека убиството на Хрант Динк го организирала терористичката организација ФЕТО/ПДЈ и дека со ова убиство се поставени темелите за последниот обид за државен удар земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Бозџа, во рамките на истрагата за убиството на Хрант Динк, со одлука на Судот е пуштен на слобода, со мерки на забрана за напуштање на земјата и неделно јавување во најблиската полициска станица. Се појави и една од неговите изјави кои ги даде на истражните органи.
Имено, Бозџа изјави дека убиството на новинарот Хранк Динк е организирано од страна на членовите на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, и дека на ова убиство „замижале”, и дека истото претставува темел за обидот за државен удар на 15 јули.
Бозџа во својата изјава наведува дека во текот на 2006 година почнал да работи во разузнавачката канцеларија на жандармеријата во Истанбул, а на тоа место дошол од источниот град Адијаман. На оваа позиција се задржал сè до поднесувањето оставка.
На прашањето што му е познато за членовите на жандармеријата во Трабзон, Окан Шимшек, Гази Ѓунај и Ергун Јорулмаз, кои на 8, 9 и 10 август 2006 година извидувале околу станот на Хрант Динк и неговата издавачка куќа „Бејаз Адам”, Бозџа одговори дека во тој период сè уште немал стапено на должност.
Toj понатаму говореше за своите активности на 19 јануари 2007 година, односно на денот на убиството на Хрант Динк, а според неговите зборови, во тој период на должност бил во населбите Хамидкој, Есенјорут, Бујукчекмеџе, Силиври, Чаталџа и Бејликдузу. Тој додаде дека за убиството на Хрант Динк дознал дури вечерта, преку телевизија.
„Не се сеќавам точно на датумот, но по убиството забележав паника кај голем број вработени. Посебно забележав дека Мустафа Кучук не е во најдобра психичка состојба”, изјави Бозџа.
За време на испрашувањето, покажана му е фотографија од увидот на која препозна одредени лица, но и два автомобили со марка Рено Клио, за кое рече дека постои можност да се во сопственост на некој од Канцеларијата на жандармеријата во Истанбул.
На прашањето дали познавал некој во тој период во жандармеријата кој е припадник на ФЕТО/ПДЈ, Бозџа одговори: „Во тоа време почина сопругата на еден од нашите колеги. Ние како колеги отидовме да изразиме сочувство во куќата на неговиот татко. Тогаш во куќата приметив дела и книги на Фетула Ѓулен. Покрај тоа никого не познавав”.
Бозџа зборуваше и за причината за напуштање на Вооружените сили, и наведе дека во последно време кон него и некои други колеги се спроведувани методи на заплашување.
„Ако зборуваме отворено, кон нас не се однесуваа како кон луѓе. Поради тоа поднесов оставка во Вооружените сили, поради тоа, како и многу мои други колеги, почнав да работам во рамките на општината Есенјурт”, изјави Бозџа.
Тој се осврна и на улогата на ФЕТО/ПДЈ, во однос на убиството на Хрант Динк, и рече:
„Ако треба да го изнесам своето лично мислење, ова убиство го организираа припадниците на ФЕТО/ПДЈ и на ова убиство се замижа. По убиството започнаа ликвидации во жандармеријата и полицијата. На нивните места почнаа да поставуваат лица од ФЕТО структурите. Потоа, ФЕТО започна и акциите Ергенекон и Балјоз, при што се ликвидирани голем број на луѓе во војската и полицијата и на нивните места поставија свои луѓе. Кога ќе погледнеме во периодот од 2007 година па наваму, мислам дека темелите за обидот за државен удар на 15 јули се поставени токму со ова убиство”.
Бозџа исто така истакна оти знае дека лицата Мухарем Демиркале и Јавуз Каракаја вечерта на 15 јули соработувале со пучистите и настојувале да го срушат уставниот поредок и легитимната влада. Според него, кога ќе се согледа сè Демиркале и припадниците на Вооружените сили кои се со исти гледишта, се вклучени во убиството на Хрант Динк.
Динк од 2007 година е убиен додека ја извршуваше функцијата уредник на неделниот весник „Агос”, еден од најистакнатите ерменски весници во Турција. Неговиот убиец Огун Самаст, кој во времето на убиството имал 17 години, е осуден во 2011 година и моментално ја отслужува затворската казна во траење од 23 години.