Ekipa
29 Септември 2019•Ажурирај: 30 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџет Таип Ердоган, изјави дека Турција стана една од десетте земји во светот кои се способни исклучиво со национални ресурси да дизајнираат, градат и одржуваат воени бродови, јавува Anadolu Agency (AA).
Обраќајќи се на свеченото примопредавање на воен брод на Турската морнарица, Ердоган рече дека последните случувања во светот ѝ наложуваат на Турција да ги зајакнува своите одбранбени капацитети на море и во други области.
Во рамките на проектот МИЛГЕМ, на Турската морнарица денес ѝ беше предаден и четвртиот воен брод, а станува збор за најновата корвета брод од класата Ада.
Тој нагласи дека Турција е одлучна во максимирањето на националните можности во сите области, од бродоградбата, артилеријата, ракетите, торпедата до електронските системи.
„Го произведовме и во 2011 година во море го спуштивме бродот „Кејбелиада“, во 2013 година вплови и „Бујукада“, во 2016 година заплови и „Бургазада“. Со нашето долгогодишно искуство во проектот МИЛГЕМ, го зголемивме уделот на домашното производство на 70 отсто“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Турската морнарица со својата опременост, стручност и храброст на персоналот претставува голема гордост на Турција.
„Како што ги изградивме нашите корвети, како што ги подигнавме нашите хеликоптери АТАК, беспилотните летала, дроновите, сателитите, со Божја помош ќе имаме и сопствен воен авион. Тој час е близу“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција никогаш нема да го заборави минатото во кое не можеше ни за пари да ги набави посакуваните бродови и авиони, Ердоган рече дека случувањата во врска со проектот за воените авиони F-35 дополнително ја зголемиле одлучноста на земјата во зајакнувањето на сопствените одбранбени капацитети.
„Нашата цел е до 2023 година целосно да ставиме крај на зависноста на нашата одбранбена индустрија од странските партнери“, рече Ердоган.