Bekir Ömer Fansa
29 Јуни 2021•Ажурирај: 30 Јуни 2021
ХАТАЈ (АА) - Утринава за прв пат започна истоварот на течен природен гас (LNG) на првиот турски брод за депонирање природен гас „Ертугрул Гази“ во градот Хатај во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бродот под знамето на Бахамите, кој со помош на реморкер се закотви покрај бродот „Ертугрул Гази“ на терминалот „Боташ Дострјол“, префрлува течен природен гас, што е натоварен во Алжир.
Истоварот на гасот од брод на брод би требало да биде завршен во петок, 2 јули.
Во тој период на бродот „Еругрул Гази“ ќе бидат истоварени 132.000 кубни метри ЛНГ. Бродот „Ертугрул Гази“ ќе ја претвори таа количина во околу 85 милиони кубни метри природен гас.
Споменатиот брод има можност за гасификација на транспортираниот ЛНГ во единиците што се наоѓаат на него, а истиот тој гас може да го задржи во сопствениот резервоар или да го пренесе во системот цевководи за природен гас, зависно од побарувачката и потребата.
Бродот „Еругрул Гази“ е долг 295 метри, широк 46 метри, со височина од 63 метри.
Бродот е изграден во Јужна Кореја минатата година и е еден од бродовите со најголем капацитет во светот, а неговиот дневен капацитет за гасификација изнесува 28 милиони кубни метри.
Капацитетот на бродот за складирање на ЛНГ изнесува 170.000, а капацитетот за складирање на гасот изнесува 110 милиони кубни метри.
Бродот „Ертугрул Гази“ е пуштен во функција на 25 јуни со церемонија на која присуствуваше и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.