İlkay Guder
25 Ноември 2016•Ажурирај: 26 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, вчера, во врска со односите на Турција со Шангајската организација за соработка (SCO) истакна дека Анкара нa никаков начин, не ѝ пркоси на Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа не е никаква закана. Не е ни пркосење на Европа. Тука не постои двострана волја. Земјите на Далечниот Исток, Кина, Русија, земјите на Централна Азија, сакаат нашите односи да се зајакнат во политичка и во економска смисла. И ние сакаме да ги зајакнеме односите со нив. За тоа се работи“, изјави Јилдирим за турската „ТРТ 1“.
Тој нагласи дека Владата на Турција не смета оти треба да им се придружи на азиските земји во случај да не се интегрира во ЕУ.
„Не се водиме според одлуката: ако не може ЕУ, тогаш може Азиската унија. Мислам дека би било добро оваа ситуација да се перципира на овој начин“, изјави Јилдирим.
Тој додаде дека случувањата во ЕУ во врска со Анкара не се слика на реалната состојба во Турција и напомена дека ПКК и нивните сојузници ФЕТО ги трујат земјите на ЕУ.
Јилдирим се осврна и на операцијата „Штитот на Еуфрат“, на северниот дел од Сирија, нагласувајќи дека главна цел на офанзивата е да се исчисти тоа подрачје од милитантите на ДЕАШ.
„Нашата цел таму не е само таа територија да се ослободи од ДЕАШ, туку и да се осуетат намерите на терористичката организација ПЈД да спои одредени места во јужните делови на тоа подрачје“, изјави турскиот премиер, напоменувајќи дека цел на Турција не е да се загрози територијалниот интегритет на Сирија.
Да потсетиме, Европскиот парламент (ЕП) вчера ја усвои нацрт-одллуката за привремена суспензија на преговорите за членство на Турција во Европската Унија, а се работи за необврзувачка одлука без правен ефект. Генералното собрание на ЕП вчера ја разгледа нацрт-одлуката, а за нејзиното усвојување гласаа 479 пратеници, 37 парламентарци беа против додека 107 беа воздржани.
Во нацрт-одлуката се подразбира привремена суспензија на преговорите за членство на Турција во ЕУ, поради, како е наведено, околностите што со себе ги донесе воведувањето на вонредната состојба во таа земја откако на 15 јули оваа година, терористичката организација ФЕТО се обиде да изврши државен удар.
Во одлуката е истакнато и поддржано легитимното право на Турција да ги процесуира одговорните за обидот на државен удар, и напоменато е дека за продолжение на преговорите за членство во ЕУ, во таа земја треба да биде укината вонредната состојба. Во одлуката е упатена и силна осуда на државниот удар во Турција.
Бидејќи ЕП не е надлежен за суспендирање или прекинување на преговорите за членство на некои од земјите-кандидати, ваквата одлука е од советодавен карактер за Советот на Европската Унија и владите на земјите-членки на ЕУ. Се очекува прашањето за преговорите на Турција за членство во ЕУ да биде разгледано на Самитот на лидери на Европската Унија во декември.