Sarp Özer
24 Ноември 2016•Ажурирај: 25 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, денес во Анкара порача дека турските вооружени сили сигурно жестоко ќе одговорат на воздушниот напад во кој се убиени турските војници во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јасно е дека во регионот има такви на кои не им е баш драго што се бориме против ДЕАШ во Сирија. Тие сосема сигурно ќе добијат одговор за нападот што го извршија“, порача Јилдирим.
Најмалку тројца припадници на Вооружените сили на Република Турција загинаа, а 10 се ранети во воздушниот напад на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад.
Во соопштението од Генералштабот на Турција се наведува дека во рамките на акцијата „Штитот на Еуфрат“, утринава во три часот и 30 минути, турските војници биле цел на воздушниот напад на силите на Асад.
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ започна на 24. август, во северниот дел на Сирија, со цел да се неутрализираат терористичките закани, особено ДЕАШ, и заради јакнење на безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас.
Офанзивата ја спроведуваат сириските опозициски сили, а во согласност со меѓународното право на самоодбрана, акциите ги поддржуваат турските сили, како и меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ. Од почетокот на офанзивата, досега од терористите на ДЕАШ е исчистена територија од 1.800 квадратни километри.