Kübra Ağaçyetiştiren
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Најмалку 30 припадници на терористичката организација ДЕАШ се убиени во изминатите 24 часа од продолжението на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, а турските воздушни сили уништија 51 терористичко упориште во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата „Штитот на Еуфрат” е започната на 24 август 2016 година во северниот дел на Сирија со цел неутрализирање на терористичката закана со акцент на ДЕАШ, и јакнење на безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваат сириските опозциски сили, а во согласност со меѓународното право за самоодбрана ја поддржуваат и турските сили.
Генералштабот на турската војска соопшти дека турските воздушни сили на 174. ден од офанзивата гаѓале и уништиле 51 објект кои терористите на ДЕАШ ги користеле како командни места, засолништа и складишта.
И турските копнени сили извршија напади на вкупно 143 терористички позиции, меѓу кои голем број на воени оклопни возила.
Досега е утврдено дека во споменатите напади се убиени најмалку 30 терористи на ДЕАШ.
Офанзивата „Штитот на Еуфрат” е продолжена со акцент на ослободување на Ал Баб, град што го контролираат терористите на ДЕАШ, кој во изминатите денови во потполност е опколен и каде што веќе се водат улични борби пред конечното пробивање на терористичкиот отпор.