Tanju Özkaya
01 Септември 2020•Ажурирај: 02 Септември 2020
АНКАРА (АА) - ТАЊУ ОЗКАЈА -
Од обидот за државен удар во Турција, зад кој стои терористичката организација ФЕТО, поминаа четири години, а Агенција Анадолија (АА) објави новопронајдени снимки од безбедносните камери на кои се гледа како пучистите од хеликоптери отвараат оган врз граѓаните, јавува Агенција Анадолија (АА).
Покрај тоа, снимката покажува и како воен авион на турските сили со кои управуваат пилотите пучисти лојални на терористичката организаиција ФЕТО, исфрлаат пламени мамки, попознати како „одблесоци“ со цел заплашување на граѓаните на улиците низ Анкара.
Сето ова го забележа камера од покривот на објектот на Командата на копнените сили на Војската на Турција во Анкара.
На снимката се гледа како хеликоптер отвора оган врз граѓаните на раскрсницата во близина на Командата, а нешто подоцна авион исфрла пламени мамки, кои инаку се користат за спречување на удар на ракетите со топлинско насочување, а со кои се опремени воените авиони.
Снимката покажува и полициски автомобил и мотоцикл кои по тие настани со голема брзина се оддалечуваат од раскрсницата која беше цел на нападите на пучистите.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.