Ekipa
14 Март 2019•Ажурирај: 15 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турција очекува испорака на воените авиони F-35 од Соединетите Американски Држави (САД) во ноември, соопшти турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јавува Anadolu Agency (AA).
„И покрај некои изјави, процесот за набавка на авионите F-35 тече во најдобар ред. Нашите пилоти и тимот за одржување продолжуваат со обуката во САД“, изјави Акар на свечениот ручек со високи турски генерали во главниот град Анкара.
„Очекуваме испораката на F-35 да биде реализирана во ноември, во турската област Малатија [источниот дел на Турција]. Подготовките на инфраструктурата во Малатија се завршени“, додаде Акар.
Тој беше придружуван од началникот на турскиот Генералштаб, Јашар Ѓулер, командантот на копнените сили, Умит Дандар, командантот на поморските сили, Аднан Озбал и командантот на воздухополвните сили, Хасан Кучукакјуз.
„При нашата посета на САД ни рекоа дека Турција е една од земјите која целосно ги има исполнето своите обврски, како финансиски, така и други заложби“, рече Акар.
Тој додаде дека Турција продолжува да ја врши својата работа во однос на дизајнирањето и производството на одредени делови од авионот F-35.
- Рускиот ракетен одбранбен систем S-400 -
Турскиот министер за одбрана истакна дека Турција има јасен став во врска со набавката на рускиот противракетен систем S-400.
„Како прашање на Турција од крајот на 1990-тите, потрагата на Турција по противвоздушен и противракетен одбранбен систем се интензивира во 2011 година поради заканите во околниот регион“, рече Акар.
„Откако НАТО ги стационираше [ракетните системи за одбрана] „Патриот“ од САД, Германија и Холандија во Турција, на барање на Турција, по една и пол година се повлекоа од Турција“, нагласи Акар.
„Значи, сите видоа дека не можеме да се штитиме само потпирајќи се на привремени мерки, дека ни треба [системот за противвоздушна одбрана]“, рече Акар.
„По ова, Турција ја систематизираше својата потрага, беа утврдени критериумите и започнаа преговорите“, додаде тој.
Турскиот министер рече дека главните критериуми на Турција биле да се здобие со технологијата, производството, модернизацијата и правата на извоз на системите што ги купува.
„Русија позитивно одговори на овие барања и по преговорите беше потпишан договорот за купување на ракетниот одбранбен систем S-400“, истакна Акар.
На писмата испратени до НАТО и САД за снабдување со системите за воздушна одбрана, Акар рече дека САД ѝ возвратиле на Турција 17 месеци подоцна.
„Ние не ги разделивме патиштата со НАТО. Ние целосно ги исполнуваме нашите обврски кон НАТО, но нашата загриженост за националната безбедност не може да биде игнорирана“, рече Акар.
- Сириски Идлиб -
Потврдувајќи ја посветеноста на Турција кон операциите насочени само против терористите, Акар рече дека операциите на Турција во Сирија придонесоа за мир и овозможија стотици илјади Сиријци да се вратат во своите домови.
Акар нагласи дека напорите на Турција и Русија спречија голема трагедија во Идлиб, Северозападна Сирија.
Во септември 2018 година, по состанокот помеѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот колега Владимир Путин во рускиот град Сочи, Турција и Русија постигнаа согласност за претворање на Идлиб во демилитаризирана зона.
Анкара и Москва потпишаа меморандум за разбирање со кој се бара стабилизација на ситуацијата во зоната без судири во Идлиб, во која нападите беа забранети.
Акар додаде дека двете страни се решени да ја прошират соработката во областа, особено откако беше потпишан нов договор со рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, на почетокот од март.
„Овој договор ги направи работите појасни и го олесни патролирањето во подрачјето. Сега со Русија работиме на формирање заеднички координативен центар“, рече Акар.