Sarp Özer
02 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
АНКАРА (АА) - Турција може да обезбеди поддршка со бродови за евакуација на цивилите и повредените од Мариупол, изјави денес турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Координацијата со руските и украинските претставници во овој поглед продолжува“, изјави Акар за новинарите.
Тој истакна дека Турција продолжува со дипломатските напори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
Нагласувајќи дека многупати телефонски разговарал со својот руски и украински колега и дека во Истанбул се сретнал и со украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников, Акар ја потенцира важноста од постигнување прекин на огнот што е можно поскоро за да се спречи понатамошна загуба на животи и да се обезбеди мир и стабилност.
„Како Турција, ние продолжуваме да обезбедуваме хуманитарна помош за народот на Украина. Турција дава своја поддршка и во врска со евакуацијата. Ќе продолжиме да го поддржуваме украинскиот народ“, рече министерот.
Руската војна против Украина, што започна на 24 февруари, наиде на голема меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 1.276 цивили се убиени во Украина, а 1.981 се повредени, според проценките на ОН, кои стравуваат дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 4 милиони Украинци побегнале во други држави, а милиони се внатрешно раселени.