Mustafa Güngör
23 Јануари 2021•Ажурирај: 24 Јануари 2021
ИЗМИР
Во истрагата на Обвинителството на Турција за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во рамките на Вооружените сили на Турција, досега вкупно се приведени 200 осомничени лица, од кои за 111 е одреден притвор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за истрага што ја започна Републичкото обвинителство во Измир, а приведувањата на осомничените спроведени се во 60 турски градови и во Турската Република Северен Кипар (KKTC).
Полицијата на 19 јануари започна процес на приведување на вкупно 238 воени лица, меѓу кои 218 активни војници, за кои е утврдено дека преку шифрирани телефони комуницирале со таканаречените „имами“ на ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.