Ekip
20 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Лидерот на турската опозициска Партија на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, изјави дека Саудиска Арабија како држава дошла на ниво да посегнува по терористички методи и постави прашање по што менталитетот на саудиските власти се разликува од менталитетот на Осама бин Ладен, јавува Anadolu Agency (AA).
Бахчели, во обраќањето на Клубот на пратеници на МХП во турскиот Парламент, го коментираше убиството на новинарот Џамал Кашоги кое се случи на 2 октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул.
„Саудиските официјални претставници под товар на одговорност прават грешка по грешка“, изјави Бахчели.
Тој изјави дека жртвата е позната, како што се познати и местото и сторителите на убиството кои го задавија Кашоги, а потоа неговото тело го исекоа и истопија во киселина.
„Саудиските убијци во Турција дојдоа со опрема и експерт за форензика. Зарем Кашоги не можеше да биде изведен пред суд, доколку бил виновен за нешто? Како е можно една држава, и тоа онаа која е чувар на светите места, да дојде во ситуација да посегнува по терористички методи? Еве и вас ве прашувам, по што менталитетот на саудиските власти се разликува од менталитетот на Осама бин Ладен, по што таа држава е поразлична од Ал Каеда?“, изјави Бахчели.
Тој, по обраќањето на Клубот на пратениците на МХП во Парламентот, за новинарите потврди дека утре ќе се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и ќе разговара за актуелната ситуација во земјата.
На прашањето за што ќе разговара со Ердоган, Бахчели изјави дека дневниот ред го одредува страната која повикува, а не страната која е повикана на состанок.
„Се креираат и пошироки опасни полемики за претседателскиот систем на управување во Турција. Нема да го дозволиме тоа, туку сите тие сплетки и стапици ќе ги пресечеме во нивните корени“, порача Бахчели.