ИСТАНБУЛ
На истанбулскиот Аеродром „Ататурк“ денес е одржано претставувањето на овогодишниот Фестивал за воздухопловство и технологија (ТЕКНОФЕСТ 2021), што се одржува во Турција и спаѓа во редот на најголемите настани од тој вид во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Агенција Анадолија е глобален медиумски партнер на ТЕКНОФЕСТ, кој, со поддршка на вкупно 67 институции, компании и универзитети, го организираат Турската технолошка фондација (T3) и Министерството за индустрија и технологија на Турција.
Овогодишниот ТЕКНОФЕСТ ќе се одржи во период од 21 до 26 септември на Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул.
Челникот на Фондацијата Т3, Селџук Бајрактар, денес истакна дека тој проект започнал како сон на една генерација и дека станал престижен настан во таа област на глобално ниво.
Укажувајќи на проблемите во кои се наоѓа светот поради пандемијата на Ковид-19, Бајрактар изјави дека турските инженери и експерти работеле во корист на нацијата и целото човештво и развивале и произведувале респиратори што биле од витална потреба во борбата против коронавирусот.
„Нашата земја ги подаруваше респираторите и на земјите во Африка и на многу други земји што ги немаа тие апарати. Така на светот уште еднаш му ги покажавме вредностите на правда и милост кои се вткаени во нашиот генетски код. Нашиот технолошки развој и иновациите не застанаа ни за време на пандемијата. Горди сме што првите вакцини против коронавирусот ги развија научниците од Турција“, изјави Бајрактар.
Укажувајќи на предизвиците на модерното време, Бајрактар го наведе примерот на социјалните мрежи, кои од епохално откритие во областа за олеснување на комуникацијата меѓу луѓето, станаа моќен алат за контрола на светот во рацете на неколку компании. Тој додаде дека Турција нема луксуз од далеку да го набљудува технолошкиот развој, туку дека со постојани исчекори учествува во промените и се бори за местото што ѝ припаѓа на глобалната арена.
„Поларизацијата е болест која сè повеќе се шири во светот и се заканува на човештвото и нашата држава. Во тој контекст, Националната технолошка визија е идеал за сите нас, цела Турција, а не само идеал на една група или политика. Ќе ни овозможи сите заедно да запловиме во пристаништето на правда и еднаквост и можам да кажам дека тоа е голем брод што го обединува човештвото, вклучувајќи ја и загрозената популација“, рече Бајрактар.
Престижниот фестивал настана како национален технолошки исчекор во правец на претворање на Турција во технолошко продуктивно општество.
Целта на фестивалот е јакнење на свеста за важноста на технологијата и науката, јакнење на човечките ресурси на Турција, кога станува збор за стручните и способни инженери и научници.
За време на фестивалот се одржуваат разни натпревари за поддршка на работата на младите во областа на современите технологии. Оваа година се распишани натпревари во 34 категории.
ТЕКНОФЕСТ пред две години на Аеродромот „Ататурк“ го посетија рекордни 1,72 милиони луѓе, а Бајрактар рече дека е особено задоволен што бројот на регистрирани проекти на фестивалот, кој изнесуваше 100.000 минатата година, расте секоја година.
„И покрај условите на пандемијата, минатата година 20.000 тимови од 100.000 млади луѓе од цела Турција и 84 други земји учествуваа на натпреварите на ТЕКНОФЕСТ во Газиантеп. Убедени сме дека овие бројки ќе бидат надминати оваа година, а крајниот рок за пријавување на учесниците е 28 февруари“, рече Бајрактар.
Тој рече дека организаторите сакаат ТЕКНОФЕСТ да придонесе во борбата за воспоставување на поправеден свет и ги покани сите да го посетат и проследат фестивалот.
Заменик-министерот за индустрија и технологија на Турција и претседател на Извршниот одбор на ТЕКНОФЕСТ, Мехмет Фатих Каџир, рече дека обуките во рамките на фестивалот се организираат преку интернет и дека бројот на учесници на тоа поле руши рекорди.
„Ние сакаме нашите студенти да работат за доброто на нашата земја во иднина. Не сакаме нашите млади да бидат на улица, туку на натпреварите на ТЕКНОФЕСТ, во лабораториите, проектите на малите и средни претпријатија. Досега добивме најголема поддршка од нашите универзитети. Секоја година, нови универзитети се приклучуваат на ова семејство. Оваа година имаме 19 универзитети кои се наши партнери“, рече Каџир.
Шефот на Дирекцијата за одбранбена индустрија во Канцеларијата на турскиот претседател, Исмаил Демир, изрази задоволство што оваа институција може да го поддржи ТЕКНОФЕСТ како важен чекор напред во технолошкиот развој на Турција.
Истакнувајќи дека ТЕКНОФЕСТ ќе биде главната тема и извор на ентузијазам кај младите и оваа година, Демир рече дека фестивалот создава основа за раѓање нови идеи и проекти што ќе помогнат во промовирање на Турција, која прави големи развојни чекори.
„Ние мора да продолжиме да работиме на енергијата што ја наследивме од нашите предци и да произведуваме нови добра со цел да ја реализираме визијата за глобална моќ“, рече Демир.
Гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја, истакна дека ТЕКНОФЕСТ за три години прераснал во престижен фестивал на глобално ниво и влегол меѓу најважните светски научни и технолошки фестивали.
„Среќни сме што Истанбул повторно го организира овој фестивал. Ние му даваме целосна поддршка на овој проект, кој е важен за иднината на Турција“, рече Јерликаја.
На презентацијата на овогодишното издание на ТЕКНОФЕСТ присуствуваше и заменик генералниот директор и главен уредник на АА, Метин Мутаноглу.
Сите детали за септемврискиот ТЕКНОФЕСТ и пријавите за учество се достапни на официјалната веб-страница на фестивалот „https://teknofest.org/yarismalar.html“.