АНКАРА (АА) - По најавата за можен нов Устав, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ги повика сите што сакаат да придонесат во изготвувањето на новиот Устав да се приклучат во тој процес, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Таквата сеопфатна работа ќе стане значајна со вклучување на сите групи во земјата“, рече Ердоган на обласниот Конгрес на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Parti), на кој се вклучи преку видеолинк од седиштето на партијата.
Ердоган изјави дека ако Партијата за правда и развој постигне консензус со својот партнер во Народната алијанса, тогаш се можни „активностите за изготвување нов Устав во претстојниот период“.
„Би сакале да ги видиме сите групи, кои сакаат да дадат позитивен придонес во процесот, во напорите за новиот Устав“, истакна Ердоган.
Тој рече дека Уставот ќе се гради врз основа на историските иницијативи што АК Партијата ги презеде за земјата, особено претседателскиот систем.
Ердоган нагласи дека оставањето настрана на Уставот што го изгубил својот интегритет и конзистентност поради промените со текот на годините, и со работата на нов Устав, ќе го поплочат патот на Турција да ги постигне своите долгорочни цели планирани за годините што доаѓаат.
Поздравувајќи ја поддршката од страна на Девлет Бахчели, лидерот на Партијата за национално движење (МХП), за нов Устав, Ердоган рече дека тие ќе бидат пионери во процесот заедно со МХП во рамките на нивната Народна алијанса.
Вчера, Бахчели изјави дека Турција е обврзана да го замени својот сегашен Устав. Тој рече дека Уставот на земјата во сегашната форма е „производ на вонредни околности“.
Турскиот претседател се осврна и на демонстрациите во Истанбул по повод неодамнешното назначување нов ректор на Универзитетот „Богазичи“, за што рече: „Не ги прифаќаме оние млади луѓе, кои се припадници на терористичките организации, како младите луѓе во нашата земја кои имаат вистински национални и морални вредности“.
Протестите избија по назначувањето на Мехмет Булу за ректор, а група студенти повикаа на негова оставка.
Демонстрациите се интензивираа кога на двајца студенти од Универзитетот „Богазичи“ им беше одреден притвор од страна на турскиот суд за прикажување на слика навредлива за исламските вредности на просторот на Универзитетот.
Во вторникот, турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, изјави дека скоро 80 од неодамна приведените на протестите се членови на екстремно-левичарските терористички групи како ДХКП/Џ, ТКП-МЛ.
Истакнувајќи дека оние што се обиделе да ја заземат ректорската канцеларија не се студенти, туку терористи, Ердоган рече дека нема да дозволат терористи да владеат во Турција.
„Оваа земја повеќе нема да ги доживее случувањата во Гези [Парк] на Таксим“, нагласи Ердоган, повторувајќи го решителниот став на Анкара против тероризмот.
Летото 2013 година, малите демонстрации во паркот „Гези“ во Истанбул прераснаа во бран протести на национално ниво против властите, во кои животот го изгубија осум демонстранти и еден полицаец.
Властите подоцна соопшти дека протестите биле оркестрирани од припадниците на терористичката организација ФЕТО, инфилтрирани во полицијата и судовите.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, го организираа неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а скоро 2.200 лица беа повредени.
Терористичката ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на своите поданици во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
news_share_descriptionsubscription_contact
