?????
25 Ноември 2015•Ажурирај: 26 Ноември 2015
АНКАРА (АА) – Турскиот премиер, Ахмет Давутоглу изјави дека Турција нема намера да ги затегнува односите, ниту да крева тензии со Русија, за која рече дека е пријател и сосед на Турција, јавува Anadolu Agency (АА).
Премиерот Давутоглу на денешната седница на Клубот на пратеници на Партијата за правда и развој (АК Parti) во Големото народно собрание на Република Турција, се осврна и на вчерашниот случај на соборување на руски авион кој го наруши турскиот воздушен простор во нејзиниот јужен граничен појас.
„Во овој случај немаме намера да ги затегнуваме односите, ниту да креваме тензии со Русија, ниту е тоа можно. Русија е наш пријател и сосед. Односите на големите држави не смеат да бидат жртви на грешките во комуникацијата. Руската Федерација е наш важен сојузник и се наоѓа на самиот врв на земји со кои во изминатите 13 години внимателно ги градевме односите“, рече Давутоглу.
Истакнувајќи дека во туркменската област Бајирбуџак, во сирискиот регион Латакија, нема елементи на терористичката организација ДАЕШ, ниту елементи од било која терористичка група, Давутоглу рече дека никој не може да ги оправда нападите во тој регион со изговорот дека ги напаѓа ДАЕШ, ниту пак Турција ќе ги затвори очите на таквите напади над невини луѓе во тој регион.
Во вторникот наутро, два авиона од типот F16 на турските воздушни сили во текот на патролна контрола, во склад со правилникот за ангажман, во рок од пет минути, десетпати го предупредиле рускиот авион SU-24 дека го крши турскиот воздушен простор, а потоа интервенирале.
Русија соопшти дека соборениот авион кој падна во пограничната област Бајирбуџак, недалеку од турскиот Хатај, припаѓал на нејзините воздушни сили. НАТО потоа ја потврди точноста на турските наводи дека рускиот авион го повредил турскиот воздушен простор.
Руските авиони и во почетокот на октомври го повредиле турскиот воздушен простор во два наврата.
Руски официјални лица тогаш упатија извинување и ветија дека такво нешто нема да се повтори повеќе.
Тогаш Турција го повтори својот став дека, во склад со правилникот за ангажман на воздушните сили, воено ќе одговори на повредата на нејзиниот воздушен простор.