Muhammed Boztepe
08 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ДИЈАРБАКИР
Во Дијарбакир, пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП) продолжуваат протестите на семејствата што бараат да им се вратат децата кои се врбувани и префрлени во терористичките кампови на ПКК. Денес уште две семејства ја дочекаа повторната средба со своите синови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестите пред седиштето на партијата ХДП започнаа на 3 септември минатата година, а во моментов таму се наоѓаат повеќе од десетина семејства.
Меѓу насобраните се наоѓаа и семејствата на Хасим Аџар и Текосин Аџар, кои дочекаа во нивните прегратки да им се вратат синовите, откако ги напуштија редовите на ПКК и им се предале на турските сили за безбедност.
Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека Хасим Аџар и Текосин Аџар им се предале на турските сили за безбедност.
Оваа вест, за успешниот исход на преговорите и акциите што ги води турската полиција, предизвика воодушевување кај семејствата кои протестираат пред седиштето на ХДП во Дијарбакир.
Со посленитеслучаи, бројот на семејствата на протестот во Дијарбакир кои ги дочекаа своите деца се зголеми на 13, додека само оваа година на турските сили им се предадоа 51 лице коишто биле во редовите на ПКК.
Мајките од Дијарбакир ја обвинуваат партијата ХДП за врбување и префрлување на малолетниците и младината во терористичките кампови на ПКК на истокот од Турција. Мајките поради тоа продолжуваат со протестот, што беше инициран од Февзије Четинкаја.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, Европската Унија и САД. Во текот на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Партијата ХДП се обвинува за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе лидери на таа партија се обвинети за ширење терористичка пропаганда и за помагање на терористите.